Македонија

Независни Грци и Митрополитот Антимос се против решение што ќе го содржи терминот Македонија

Независни Грци и Митрополитот Антимос се против решение што ќе го содржи терминот Македонија

Официјална грчка црвена линија за сложено име со географска одредница не ужива целосна поддршка во грчкото општество. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, последни што се изјаснија против оваа позиција се партијата Независни Грци и солунскиот митрополит Антимос. Тој од неделната литургија во Солун порача дека немало простор за компромис со името Македонија, со предупредување да не се прифаќало сложено име за нашата земја. На литургијата присуствуваше и лидерот на Независни Грци, Панос Каменос, кој што ја обвини владата на Антонис Самарас дека го давала она што било свето за народот. 

– Пред Господ и пред народот му одговарам на Неговата Светост дека Независни Грци гарантираат дека ниту Самарас, ниту Венизелос, ниту пак Ципрас ќе го преговарааат името на Македонија. Македонија е грчка и не прифаќаме географска одредница. Независни Грци го делат ставот на Неговата Светост и на грчката црква, порача Каменос од Солун по средбата со Антимос.

Со ова тој всушност ја реафирмираше веќе позната позиција на неговата партија која што е против решение со сложено име со географска одредница што ќе го содржи терминот Македонија. Зад оваа позција во минатото цврсто стоеше и актуелниот премиер Самарас, но останува нејасно дали сега за него е прифатливо компромисното име да го содржи терминот Македонија, како што се претставува во рамките на официјалната грчка црвена линија. Нејасно е бидејќи тој не даде одговор на ниту едно од дури девет пратенички прашања на Каменос кои што гласеа: Дали за него сега, за разлика од порано, прифатливо е компромисното име да го содржи и терминот Македонија?

Каменос веќе најави дека неговата партија нема да гласа на престојниот избор за нов претседател на земјата. Со тоа се поизвесно е дека поради немањето доволно гласови за избор на претседател, во Грција ќе се распишат предвремени парламентарни избори. Според тоа, не изненадува фактот што проблемот што Атина го има со нашето уставно и историско име овие денови е се по актуелно во меѓу-партиските препукувања.

– Сега е јасно дека грчкиот народ бара избори. Не можеме да им го дадеме името Македонија, давајќи и продолжен живот на Владата која што му даде отворен мандат на Нимиц за името Северна Македонија за ‘Скопје,  изјави Каменос.

Грчкиот Устав предвидува три круга на гласање во Парламентот за избор на нов претседател на земјата. Во првите два круга потребно е за него да гласаат две третини од пратениците, а доколку тие завршат без успех, тогаш во третиот круг потребни се гласовите на три петтини. Доколку се остварат најавите дека поддршка за предлогот за нов претседател нема да дадат Сириза, Комунистичката партија, Независни Грци, Златна Зора и Демократската Левица, тогаш според Уставот, по завршувањето на трите круга ќе бидат распишани предвремени парламентарни избори.