Неждет Мустафа: Со влегувањето во владата Амди Бајрам доби политичка аболиција

Лидерот на Обединета партија за еманципација на Ромите (ОПЕР), Неждет Мустафа, денеска на прес-конференција во општина Шуто Оризари го изрази незадоволството по одлуката Амди Бајрам со неговата партија Сојуз на Ромите од Македонија (СРМ) да влезе во владината коалиција.

Притоа, Мустафа истакана дека со вчерашната појава Амди Бајрам признал дека самиот тој е промотор на поткупување на ромските гласови. Додаде и дека Бајрам 20 години со блеф го претставува ромскиот народ на политичката сцена во Македонија.

На кој начин влегува Амди Бајрам и што е неговиот интерес по секоја цена да биде дел од владината коалиција, јавно запраша Мустафа. Потоа, констатираше дека Бајрам не може да живее без власта и кажа дека веднаш по договорот со СДСМ сите деца на Бајрам кои биле во странство се вратиле во Македонија, вели тој.

Претседателот на Обединета партија за еманципација на Ромите, исто така подвлече дека со влегувањето на Бајрам во Владата практично се прави негова политичка аболиција.

Сакаме да докажеме дека тој речиси на секои локални избори во Шуто Оризари е губитник. На последните избори се докажа дека тој тука е оголен и дека своето членство го задржува само со режим. Свесен е дека ако не е во коалиција, ако не е во власта, нема партија, истакна Мустафа.

На новинарско прашање дали ОПЕР е подготвена да го изрази незадоволството со тоа што ќе ја напушти коалицијата со СДСМ, Мустафа не ја исклучи таквата можност и одговори дека за тоа ќе одлучат органите не партијата. Најави и дека можно е партијата да го демонстрира незадоволството со улични протести низ целата држава.

Покрај Неждет Мустафа на денешната прес-конференција присуствуваа и Миљазим Сакип од Демократската партија на Ромите, како и градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш кој рече дека верува во правната држава и сака да му порача на Бајрам оти се излажал ако мисли дека ќе влезе во коалиција за да се спаси себеси и своето семејство да не бидат гонети за криминалите кои им биле откриени во изминатите месеци.