Тешка сообраќајна незгода: Почина старец во Кичево

Седумдесет и четири годишен старец го загуби животот по тешката сообраќајна незгода што денес во 11 часот и 20 минути се случи на пресекот на регионалниот пат Кичево-Македонски брод со улицата „Маршал Тито“.

Насуф Н. од Кичево кој по регионалниот пат управувал велосипед движејќи се кон Кичево, им подлегнал на повредите во општата болница во Кичево.

Сообраќајната незгода се случила кога сега починатиот управувајќи го велосипедот се обидел да го премине коловозот од регионалниот пат при што дошло до удар врз велосипедот од патничко моторно возило марка „Цитроен Берлинго“ со кичевски регистарски ознаки кое се движело од Македонски брод кон Кичево. Ударот се случил на левата коловозна лента со предниот лев дел од патничкото возило врз средниот дел од велосипедот, информираат од СВР Охрид.

Насуф Н. по тешката сообраќајна незгода со возило на брзата помош со тешки телесни повреди бил пренесен во општата болница во Кичево каде по кратко време им подлегнал на повредите.

На лице место извршен е увид во присуство на јавен обвинител како и полициски екипи од полициската станица во Кичево.

За време на увидот, сообраќајот на регионалниот пат не беше во застој односно се вршеше наизменично пропуштање на моторните возила.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.