Незири: Македонија е најсигурна земја за странски инвестиции

Министерот за економија Беким Незири на денешната Министерска тркалезна маса на петтиот по ред Годишен инвестициски состанок во Дубаи, ги претстави политиките, мерките и активностите на Владата на Република Македонија во насока на привлекување и зголемување на странските инвестиции, како главна определба за остварување на економски раст.

„Република Македонија е привлечна за странските инвеститори пред сѐ поради добрата геостратешка локација и близината до европскиот пазар и до Турција, најниските даноци во регионот, поволностите во ТИРЗ-овите, ниските производни трошоци, расположливата едуцирана конкурентна работна сила, заштитата на инвестициите, како и поддршка  на  инвеститорите од страна на Владата на РМ, која е бизнис ориентирана“, рече Незири, истакнувајќи дека изминатата 2014 година беше најуспешна во тој сегмент, овозможувајќи зголемување на извозот за 54 отсто за само една година во слободните зони, односно пласман на стоки во странство во вредност од 1 милијарда и 700 милиони  евра.

Министерот Незири потсети на меѓународните рангирања како доказ за успешноста на политиките во насока на економски раст, како што е најновиот извештај на „Дуинг бизнис 2015 година“, според кој Македонија е повторно меѓу лидерите во регионот, особено во делот на водење бизнис, додека според Извештајот „Плаќање даноци 2015“ земјата е позиционирана на 7. место од 189 земји, со што останува меѓу земјите со најниски даночни стапки во светот.

На прашањето дали постои простор за билатерални или мултилатерални договори кои нудат заштита на странските инвеститори, министерот Незири објасни дека законската регулатива обезбедува еднаква основа за странските инвеститори со домашните. „Како членка во МИГА (Мултилатерална агенција за гаранција на инвестиции) од 1994 година, обезбедена е заштита на странските инвестициии од политички ризик и регулирани се постриктни заштитни стандарди за странските инвеститори, а досега Република Македонија има потпишано вкупно 39 билатерални Договори за поттикнување и взаемна заштита на инвестиции со други земји, од кои се ратификувани вкупно 35 договори. Присуството на многу светски познати компании, кои ја избрале токму Македонија за инвестирање е доказ повеќе за обезбедената сигурност на нивните инвестиции,  фер третманот и еднаквите права за секој инвеститор, како и одличните услови понудени на странските компании“, потенцираше Незири.

На годинешнава средба на тема „Одржлив развој преку СДИ – Индуциран трансфер на иновации и технологија“, која е под патронат на Н.Е. Шеикот Мохамед Бин Рашид Ал Мактум, заменик претседател на ОАЕ, Премиер и Владетел на Дубаи, земаа учество претставници од 140 земји, кои дискутираа на многу горливи прашања, како што се политиката и потребните регулаторни рамки, балансирање на правата на интелектуална сопственост за ефективно искористување на СДИ, како средство да се постигне трансфер на технологии, трендовите за СДИ, поврзани со истражување и развој, како и привлекување и интегрирање на глобалните мрежи на знаење и нивната улога во поттикнување и привлекување на СДИ.

Министерот за економија на Обединетите Арапски Емирати, инж. Султан бин Саед Ал Мансури, на средбата истакна: „Посебно сме горди како домаќини на овој собир, каде што се присутни и креатори на одлуки, но и инвестициски експерти, при што акцентот го ставаме на жешките инвестициски дестинации во светот. А тоа што мене посебно ме радува на овој 5. петти по ред Годишен инвестициски состанок е враќањето на оптимизмот на глобалната економска сцена, после повеќе од 5 години застрашувачки економски предизвици. Според повеќето аналитичари, предвидувањата се дека глобалниот БДП ќе порасне и до 3,3 отсто во 2015 година, што е знак дека глобалната економија заздравува и дека инвестициите ќе бараат нови атрактивни пазари“.

Во рамки на инвестицискиот состанок, кој ќе заврши на 1 април годинава, се одржува и голем светски саем со повеќе од 500 изложувачи од различни сектори, како од земјоделско- прехрамбената индустрија, преку телекомуникациите, до медицинската технологија.
na1

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.