Ни требаат лидери кои ќе знаат да се справуваат со различноста – награда за претседателот Иванов на Форумот Кран Монтана

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов е добитник на Наградата на Фондацијата за 2014 година, што се доделува во рамки на Форумот Кран Монтана.

Наградата на Фондацијата на претседателот Иванов му се доделува како личен придонес за активности и достигнувања во сите општествени области, како и за неговата посветеност во одбрана на фундаменталните слободи.

IMG_4518

„Јас сум горд што тоа што го прави Македонија е се повеќе она со кое ќе се соочува светот во иднина, оти сите општества во иднина ќе бидат мултиетнички, мултирелигиозни и мултијазични. Нас ни требаат лидери кои ќе знаат да се справуваат со различноста, не да ја уништуваат различноста. Тоа што го гледаме на Блискиот Исток е резултат на затворен ум, на луѓе кои не можат да го отворат умот и да ја препознаат различноста и да живеат со неа. Живееме во свет во кој многу брзо се случуваат промени. Глобалните медиуми, интернетот, носи процес на глобална етничка преродба, религиозна преродба, јазична преродба. Секој ден се создаваат нови заедници на интернет, на Фејсбук, на Твитер. Територијата го губи значењето. Тие нови заедници живеат во свои светови. Така што, на младите луѓе треба да им оставиме свет во кој ќе се почитуваат, ќе ја почитуваат различноста и ќе живеат со неа. Како што Швајцарија е позитивен пример за почитување на различноста, исто и Македонија на Балканот гради сличен, свој специфичен модел на почитување. Почитта е она што се надградува над толеранцијата. Затоа мора да го промовираме почитувањето на различноста, да не ни се случуваат настани што ги имаме денес во кризните жаришта, што придонесуваат да се инфицираат млади луѓе и да не почитуваат она што е разлика“, рече претседателот Иванов, посочувајќи дека престижната наградата е признание за Република Македонија и за македонските граѓани.

IMG_4492

Годинава, покрај претседателот Иванов, добитници на Наградата на Фондацијата се Генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки-мун, претседавачот со Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, поранешниот премиер на Сенегал г. Амината Туре, а постухмно Ерве Хурдел.

Досегашни добитници на оваа престижна награда се досегашниот и идниот претседател на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо и Жан Клод Јункер, поранешниот Генерален Секретар на ОН, Бутрос Бутрос Гали, поранешниот премиер на Израел, Јицак Рабин, поранешниот претседател на Авганистан, Хамид Карзаи, поранешниот претседател на Романија Јон Илиеску, поранешниот премиер на Србија, Зоран Ѓинѓиќ, како и Ричард Холбрук, Лех Валенса, Беназир Буто и други светски лидери и истакнати личности од политичкиот и општествен живот.

Наградата на Фондацијата се доделува од 1989 година во рамки на Форумот Кран Монтана, како признание за општествената одговорност и за придонес во глобалниот раст и развој.