Нигерија е 12-та репрезентација која избори пласман на мундијалот во Русија

Фудбалската селекција на Нигерија стана во саботата 12-та репрезентација којашто е сигурен учесник на Светското фудбалско првенство коешто од 14-ти јуни до 15-ти јули ќе се одржи следната година во Русија.

Нигерија стана првата африканска репрезентација којашто го визираше патувањето за Русија, благодарејќи на домашната победа од 1:0 (0:0) против Замбија во претпоследното 5-то коло од Групата Б. Единствениот гол на мечот го постигна Ивоби во 73 минута.

Со новите три бода Нигерија стана недостижна на чело на групата со 13 бодови, додека Замбија остана втора со 7 бодови. Во оваа група трет е Камерун со 6, а последен е Алжир со еден освоен бод.

Досега пласман за Светското првенство обезбедија Бразил, Белгија, Мексико, Иран, Јапонија, Јужна Кореја, Саудиска Арабија, Германија, Англија, Шпанија и секако домаќинот Русија.