Нигерија фаворит во дуелот против Иран

Кога е во прашање вториот натпревар од групата „Ф”, дуелот помеѓу репрезентациите на Нигерија и Иран, тогаш многу поблиску до посакуваните три бода е претставникот на Африка.

Популарните „орли” редовно обезбедуваат пласман на најважниот фудбалски турнир, а голема улога ќе одиграат и фудбалерите кои својот леб го заработуваат во англиската Премиер лига.

„Ова за мене е прво мундијалско искуство. Сакам да постигнеме добар резултат, сакам да докажеме дека со право сме во Бразил. Не сакаме да бидеме само учесници, не сакаме да бидеме само некоја бројка, сакаме успех, сакаме неколку победи. Победата на Холандија е доказ дека се е можно во Бразил. Таа победа мора да ја искористиме како пример. Знаеме што сакаме и мислам дека ќе имаме успех во Бразил”, изјави пред натпреварот фудбалерот на Челзи, Џон Оби Микел.