Нигерја на колена пред Галските петли

Со двата погодока, кои беа постигнати во последните 10 минути од натпреварот, репрезентацијата на Франција забележа заслужен триумф во осминафиналната пресметка против селекцијата на Нигерија.

Во следната елиминациска рунда, избраниците на Дидиер Дешамп, за противник ќе го имаат големиот фаворит за светската титула, репрезентацијата на Германија, а тој натпревар ќе биде одигран на 4 јули во Рио де Женерио.

Првиот погодок на натпреварот беше дело на најголемиот француски талент, Пол Погба, а во самиот финиш од натпреварот, автогол постигна дефанзивецот на Нигерија, Жозеф Јобо.

“Сега сме дел од едно фантастично друштво, Франција е меѓу најдобрите осум репрезентации на денешницата. Многу сме среќни, јас сум горд на моите фудбалери, горд сум на постигнатиот резултат, на се што прикажавме во Бразил. Да продолжиме во истиот ритам. Очекував силен отпор од Нигерија, знаев дека мораме да дадеме се од себе. Секогаш има место за напредок. Можвме да постигнеме уште некој погодок, но најважно од се е дека имавме фантастичен финиш. Мислам дека беа поуморни од нас, а ние ја искористивме таа предност, изјави предводникот на Франција, Дидиер Дешамп.