Никаде како дома – Торес со два погодока го елиминираше Реал Мадрид од Купот

Тимот на Атлетико Мадрид издржа под налетите на Реал Мадрид и непоразен си замина од “Сантијаго Бернабеу”, играјќи 2:2.

Со оглед на победата во првиот меч со 2:0, екипата предводена од Диего Симеоне продолжува во четвртфиналето од Купот на Шпанија.

Инаку вечерта ја одбележа старо-новиот напаѓач на Атлетико Мадрид, Фернандо Торес, кој ги постигна двата погодока за својот тим.

“Многу сум среќен. Првиот гол го дадовме многу рано и тој ни дозволи да играме на начинот на кој посакувавме да играме. Во ниту еден момент не беше неизвесно околу тоа кој ќе се пласира во следната фаза”, изјави Торес.

“Секогаш е тешко да се игра на овој стадион. Тие имаа некои шанси кога изедначија на 1-1, но со голот за 2-1 ги решивме сите дилеми. Насмевката на моето лице стои поради победата, поради моите први два гола, и тоа на стадионот на кој претходно никогаш немав дадено гол”, заврши “Ел Нињо”.

Торес е производ од школата на Атлетико, каде играше во првиот тим од 2001 до 2007 година. Потоа премина во Ливерпул, каде помина четири одлични сезони, но следеше пад во Челзи и краток период во Милан пред враќањето дома.