Никнува нова населба во Илинден, ја создаваат млади двојки

Нова населба никнува во периферијата, која ја создаваат млади двојки, кои наместо помал стан во центарот, избрале да изградат куќа во приградските населени места. Општина Илинден во селото Марино пред две години продаде 24 плаца, од кои на 11 во моментов се градат новите домови, а три се веќе вселени.

Идните жители на Марино велат дека сакаат мир и спокој, далеку од градската џунгла, што е главната причина што бегаат во приградските делови, пишува Дневник.

Овде свој дом градат млади луѓе од Скопје и од други градови во државата. Темелите на својата куќа пред три дена ги постави 33-годишниот Ристе Атанасов, кој е од Радовиш. Се надева дека во ноември куќата ќе биде готова.

– Се решив да изградам овде бидејќи условите што ги даваат Владата и општина Илинден се многу поволни. За истата површина на куќа што ќе ја изградам овде, во Скопје би добил помал стан. Kомуналиите за градба се ниски, вели Атанасов и додава дека во Скопје е пет години и живее под кирија.

– Наместо за кирија, со парите ќе исплаќам рати и ќе си го решам станбеното прашање. Нешто ми помага и мојот татко. Овде ги има сите потребни содржини и услови за еден млад човек да формира семејство. Има градинка, дом на култура, библиотека, спортски игралишта, спортска сала, основно и средно училиште, вели Атанасов за Дневник.

Со договорот што го склучиле со општината Илинден се обврзани градбата да ја започнат во рок од две години од добивањето на одобрението за градба и да ја довршат во наредните четири години.

Во општина Илинден велат дека во близина е економската зона Марино-Kадино каде што ќе се отвораат нови погони, а во кои може да се вработат младите луѓе што ќе се населат во овој дел од Скопско. Градоначалникот на Илинден Жика Стојановски, смета дека општината ги понудила сите услови за добар живеење.

– Спроведена е струја, сите плацови имаат приклучок за вода. Тие ќе бидат приклучени и на фекалната канализација, а во близина е и пречистителната станица. На крајот ќе се направи и патната инфраструктура, изјави за Дневник Стојановски, кој се радува што плацовите ги купиле, пред се, млади семејства од цела Македонија, како што вели, од Радовиш, Kуманово, Kрива Паланка, Тетово, Јагуновце и од Пробиштип.

Плацовите беа продавани по почетна цена од 128 денари за квадратен метар. Тие се со површината од 350 до 550 квадрати.

Уште една поволност што ја нуди општината Илинден за оние што купиле плацови за градба е и што им нудат бесплатни архитектонски проекти за куќите.

– Имаме четири видови проекти што ги избравме на оглас. Секој може да си избере еден од нив и со тоа ќе заштеди до 1.500 евра. Потоа, врз основа проектот, бесплатно ќе го добие и одобрението за градба, по пат на електронска пошта. Тоа значи дека граѓанинот не мора за ништо да се мачи. Само на крајот ќе треба да плати две евра за квадратен метар за комуналии, вели Стојановски за Дневник.