Никогаш не сум имал сомнеж за идентитетот на Македонците

Се радувам што ќе работам со вас, со Владата и народот на Македонија на продолжување на нашето традиционално партнерство. Во изминатите 20 години минавме низ тешки времиња, но работевме заедно и постигнавме многу во остварувањето на заедничките цели, пред се изградба на Европа цела слободна и во мир и со Македонија целосно интегрирана во НАТО и ЕУ, пренесува МИА.

Ова го истакна денеска новоименуваниот амбасадор на САД во Македонија Џес Бејли при предавањето на акредитивните писма на македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов во вилата „Водно“.

Претседателот Иванов на церемонијата истакна дека САД преставуваат еден од најважните стратегиски партнери во реализацијата на нашите надворешно-политички цели – интеграцијата во евроатлантските структури, добрососедските односи и регионалната соработка и изрази благодарност за континуираната американска поддршка на тој план.

– Непринципиелните блокади спротивни на меѓународното право кои се пречка за нашите интеграции кои создаваат и проблеми во нашето општество воопшто не не обесхрабруваат. За нас никогаш не било прашање дали, туку кога ќе ги реализираме нашите цели. Членството на РМ во НАТО и интеграцијата во ЕУ има огромна кохезивна моќ во нашето општество. Тоа убеден сум не е придобивка само за нас, недвосмислено тоа позитивно ќе влијае и на стабилноста и на просперитетот на нашиот регион. На тој план како и досега се надеваме и очекуваме поголема поддршка од САД, порача Иванов.

Амбасадорот Бејли на новинарско прашање за актуелната политичка ситуација во Македонија го повтори американскиот став дека очекуваат транспарентна и отворена истрага.

– Ова е чувствителна политичка ситуација. Во тек е истрага која треба да се спроведе на отворен и транспарентен начин со целосно почитување на независноста на судството, владеење на правото и улогата на медиумите. Уверен сум дека оваа ситуација македонскиот народ и политичките лидери и институции ќе ја разрешат, рече Бејли.

Во врска со неговата изјава при сослушувањето пред американскиот Сенат со која предизвика незадоволство кај Македонците нарекувајќи ги Словени, оцени дека станува збор за грешка и оти се се чувствува добредојдено во Македонија.

– САД и Македонија се пријатели и партнери. Ја признавме Македонија под уставното име и се разбира правото на нејзините граѓани да си го утврдат својот идентитет и не гледам причина зошто не би имал големо добредојде во Македонија. Ние имаме добри односи, рече Бејли.

Тој додаде дека никогаш немаше сомнеж за она што го кажал на сослушувањето пред Сенатот.

– Бев запрашан за состојбата со меѓуетничките односи во Македонија и во мојот одговор по грешка ја повторив фразата на тој што го постави прашањето. Инаку, во сведочењето го користев терминот етнички Македонци во однос на етничкото мнозинство во земјава, рече амбасадорот Бејли.

Американскиот амбасадор денеска се сретна и со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.

Бејли, дипломат од кариера во Стејт департментот, во Скопје доаѓа од позицијата заменик-шеф на мисијата на САД во Анкара, Турција, функција која ја извршувал од 2011 година.

Дипломирал на Универзитетот „Јеил”, а се стекнал со магистерска титула на „Kолумбија” универзитетот.

Џес Бејли беше потврден како Амбасадор на САД во Македонија, од страна на Сенатот, во декември 2014.