Никој не смее да им се заканува на новинарите!

Претседателот на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент, Елмар Брок, реагираше на заканите кон дописникот на МИА од Брисел, што денеска за време на седница на АФЕТ ги упати Константинос Бовијацос, асистент на европратеникот од грчкат партија Златна Зора, Јоргос Епитидејос, поради тоа што во меѓусебен разговор со други новинари се употребува Република Македонија наместо ФИРОМ, пренесува Нова Македонија.

Германскиот европратеник на чело на најсилниот Комитет во Европарламентот, порача дека никој не смее да им се заканува и да ги попречува новинарите во извршувањето на нивните задачи во Европскиот парламент.

– Тоа е основно право и никој не смее да помисли да го попречува, порача Брок, додавајќи дека имало забелешки и од грчките европратеници на постојаната употреба на уставното име на Република Македонија, наместо на референцата Поранешна југословенска Република Македонија, но дека никој заради тоа не се заканувал никому.

Од службата за информирање на Европскиот парламен, известија дека ќе реагираат за овој инцидент, додека Меѓународната пресс-асоцијација (АПИ) и Европската федерација на новинари, исто така најавија реакција за инцидентот во европскиот законодавен дом, кој грчката неофашистичка партија се обидува да го претвори во свој мегдан за физичка пресметка со неистомислениците.