Никола ќе плати 10 илјади, неговиот брат Лука 15 илјади евра

Најдобриот светски ракометар, Никола Карабатиќ, се спаси од затвор откако Судот во Монпелје реши да изрече поблаги казни за спортистите што беа вмешани во скандалот со обложување на ракометни натпревари. Обвинителот бараше затворска казна од три месеци, плус Карабатиќ да плати 30.000 евра, но иако беше донесена одлука дека ракометарите се виновни по обвинението, сепак беше решено ниту еден од нив да не заврши „зад решетки“.

„Никола Карабатиќ ќе треба да плати 10.000 евра за својата вмешаност во овој скандал, додека неговиот брат Лука ќе треба да плати 15.000 евра“ – гласеше пресудата на францускиот суд.

Само за потсетување, истрагата беше покрената поради сомнителните облози што се појавија за ракометниот меч меѓу Сесон и Монпелје, тимот за кој во тоа време настапуваа браќата Карабатиќ. Коефициентот за пораз на Монпелје гласеше 2,9, при што обложувалниците пријавиле значителна загуба токму за овој меч.

По ваквиот епилог на судскиот процес против Карабатиќ, се чини дека веќе нема никакви пречки за овој ракометар да го комплетира трансферот во Пари сен Жермен.