Никoла Маџиров член на европското книжевно жири за 2015

„Европската асоцијација на книжевници“ со седиште во Париз, го избра Никола Маџиров за член на европското книжевно жири за 2015 година, заедно со уште девет автори од девет европски држави.

Тие предлагаат и избираат европски дела кои заслужуваат да бидат преведени на повеќе европски јазици. Финалната селекција „Финеганова листа“ се испраќа до сите европски книжевни центри. Веќе петта година „Европската асоцијација на книжевници“ формира меѓународно жири и за првпат член е автор од Македонија.

Во градот Галвеј во Ирска, по ѕидовите се исцртаа мурали според поезијата на Никола Маџиров и шкотскиот писател Ирвин Велш, авторот на култниот роман „Треинспотинг“.

Во текот на следните два месеци Маџиров ќе настапи во Црна Гора, Романија, Шпанија, Тајпеј, Хонг Конг, Сингапур, Куала Лумпур, Шангај, Пекинг и уште неколку градови во Азија.