Николиќ: Не сме подготвени да го прекршиме Уставот заради Косово

Српскиот претседател Томислав Николиќ денеска изјави дека ЕУ очекува од Белград да ги заврши преговорите со Приштина и целосно да го регулира својот став во врска со Косово, пишува МИА.

– ЕУ не сака да постапи како во некои претходни случаи кога во членство прими држава што ги немаше регулирано своите внатрешни односи – рече Николиќ на заедничката прес конференција со еврокомесарот за источното соседство Јоханес Хан.

Србија, според Николиќ, не гледа никаков проблем да ги продолжи разговорите со приштинската администрација и да се примени се што е договорено, вклучувајќи го и формирањето на Заедницата на српски општини.

Тој, меѓутоа, предупреди дека нема далеку да се стигне доколку претставниците на Приштина продолжат да преговараат како да претставуваат независна држава.

– Според Уставот на Србија, ние не можеме со Косово да разговараме како со независна држава. Србија ќе мора да најде и друг претседател и друг премиер кои ќе бидат подготвени да го прекршат Уставот и разговараат со претставници на Приштина како со претставници на независна држава. Ние двајцата на тоа сигурно не сме подготвени – рече Николиќ.

Тој наведе дека дел од надлежностите од Еулекс преминале на приштинската администрација и дека е точно дека Белград нема премногу влијание врз тоа што се случува на територијата на Косово, но дека тоа влијание го имаат ЕУ и ОН и дека мораат за тоа да поведат сметка.

– Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН не ја признава независноста на Косово, туку наведува дека Косово е во составот на Србија и дека до конечно решение ќе се дојде со разговори – рече Николиќ и потсети дека дијалогот е во застој бидејќи не се знае кој ќе биде преговарач на косовска страна, со оглед за фактот дека таму се уште не е формирана новата Влада.