Николиќ: Некој очекувал дека ќе го признаеме Косово

Претседателот на Србија Томислав Николиќ оцени дека се се прекршува на Косово, иако признавањето на независноста на, како што тој вели, јужната покраина, никој не го поставува како услов за членство на Србија во ЕУ.

– Од нас се бара да потпишеме договор со привремените институции на локалната самоуправа во Приштина со кои ќе се регулираат меѓусебните односи. Од тоа Германија нема да отстапи. Тоа барање до неодамна беше скриено, но сега претставува доминантно мислење во Европа, особено по формирањето на сегашниот состав на ЕК, изјави претседателот Николиќ за весникот „Новости“, пренесува агенцијата Танјуг.

Николиќ нагласи дека поради таквото барање Србија мора што побрзо да одреди нова државна платформа за Косово.

Според српскиот претседател суштинска цел на новата платформа е Србија никогаш да не признае независност на Косово и јасно да каже кои се границите што нема да се преминат, но и сите да застанат зад таква политика и сите да знаат дека тоа е Србија.

– Приштина полека формира свои институции. Инсистираат на прашања што се однесуваат на државноста, а го елиминираат српското влијание на Косово во однос на сопственоста над имотот и енергетиката. Го игнорираат договорот за Заедницата на српски оштини. Се отвора прашањето на „Голема Албанија“. Нема повеќе чекање, предупреди претседателот на Србија.

Николиќ нагласи дека со години ги убедува сите западни соговорници дека постои опасност, како и дека сите му изразуваат уверување дека ЕУ никогаш нема да дозволи такво нешто. Ги прашав, а што ако Косово кое го признавате и Албанија организираат референдум за обединување. Како ќе ги спречите тогаш, истакна Николиќ, додавајќи дека засега гледа благ одговор од Запад, но и сомнеж во искреноста на тие што тврдат дека нема да дозволат создавање на „Голема Албанија“.

– За нас Косово и Метохија е автономија во рамки на Србија. Со такви позиции не се гледа брзо постигнување конечен договор меѓу Белград и Приштина. Кој би можел да попушти, истакна претседателот на Србија, признавајќи дека се се прекршува на Косово.

Николиќ нагласи дека Србија ги исполнила условите за отворање на 34. поглавје, но дека преговорите со ЕУ се уште не почнуваат. – Дали 35. косовско поглавје ни е наметнато со цел никогаш да не влеземе во ЕУ, истакнува Николиќ, додавајќи дека некој очекувал дека Србија ќе ја водат луѓе што ќе прифатат независност на Косово.