Николиќ смета дека бил подобар премиер од Вучиќ

Со критиките на сметка на Владата на Србија поради испразнетите амбасадорски места, претседателот Томислав Николиќ сака да покаже дека тој бил подобар премиер од Александар Вучиќ, оценува Душан Јањиќ, политички аналитичар.

Николиќ вчера на РТС го критикуваше кабинетот на Вучиќ поради неименување на амбасадори, како и дека Вучиќ сака да ги сруши сите центри на моќ на дијаспората и сите авторитети во земјата.

„Николиќ изгледа се води по онаа народната „мајката кара, ќерката приговара“. Тоа е целиот проблем и јас не гледам зошто тоа отворено не го каже. И изјавата за надворешни центри за моќ е чиста теорија на заговор преку која сака да го убеди народот дека е важен. Јас не гледам никаков заговор, туку само недоволно сила и одлучност на претседателот на Србија“, оценува Јањиќ.

Зоран Стојиљковиќ, професор на Факултетот за политички науки, вели дека теоријата за центрите на моќ не е реална.

„Тој вид на притисок не е делотворен уште од 90-те години и зошто сега би го правеле тоа? Не знам на кои центри мислел“, оценува Стојиљковиќ и додава дека Николиќ со помош на критика на сметка на Владата сака да го зголеми своето влијание во земјата.

Аналитичарот Ѓорѓе Вукадиновиќ вели:

„Факт е дека странците во овој момент многу повеќе ја поддржуваат оваа власт од претходната и дека помалку ја критикуваат. Вистина е дека Николиќ беше предмет на кампања, факт е и дека авторитетите во Србија се во криза, но се плашам дека тоа е од самиот авторитет, а не од критиката и кампањата против него. Од друга страна пак, чудно е Николиќ да го фали премиерот, а да ја критикува Владата која тој ја води. Тоа е политичка и неодржлива позиција“.

Советникот за медиуми на претседателот Станислав Пак, не одговарал на телефонските повици и пораки, додека пак, Ивица Дачиќ, шефот на дипломатијата, тврди дека сите непполнети места тој ги наследил.

„За брзо време ќе бидат именувани десет нови амбасадори и генерални конзули. Предлозите се испратени до премиерот кој веројатно ќе се консултира со претседателот“, вели Дачиќ.

Замена на тезите
Драгица ја напаѓаат бидејќи е убава

Николиќ оценил и дека фондацијата на неговата сопруга Драгица е цело време мета на напади поради тоа што првата дама „изгледа убаво“.

Кога жена од 60 години изгледа убаво, сигурно е дека ќе биде мета на многу критики. Мојата сопруга е вистинска домаќинка, мајка, баба-наброја претседателот, што Стојиљковиќ го коментира како „замена на тезите“.

Постојат институции и процедури и граѓаните имаат право да знаат која е таа фондација која ги дала средствата и тоа Фондацијата Драгица Николиќ треба да го почитува.

Бисерите на Томислав

Подобро да ме доживуваат како англиска кралица, отколку како диктатор
Сакам директорите на Јавните претпријатија да имаат бонуси и големи плати
Би коментирал на социјалните мрежи, но не можам да добијам телефонски контакт
Единствено јас не им се јавувам на уредниците на медиумите, единствен сум што не обезбедувам средства на сметка на јавните претпријатија