петок, 26 мај 2017  |  Вести денес: 23

Николоски ќе претседава со Комисијата за политички прашања на ПССЕ

nikoloski-sobranie-eu

Последни вести

Македонскиот пратеник Александар Николоски ќе претседава со Комисијата за политички прашања и демократија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, што ќе се одржи денеска во Париз.

Ќе биде претседавач со Комисијата, во својство на прв потпретседател, за што беше избран во јануари годинава, со мандат од една година.  Утре и задутре, пак, Николоски ќе учествува во работата на Мониторинг комисијата.

Од македонското Собрание соопштуваат дека првпат пратеник од Република Македонија претседава со оваа значајна комисија. Комисијата, во која членуваат шефовите на националните делегации, ги разгледува сите политички прашања кои се во надлежност на Организацијата и поднесува извештаи за итни ситуации и политички кризи во земјите-членки на Советот на Европа.

Комисијата, се вели во соопштението, ги разгледува барањата за членство во Советот на Европа, за признавање статус на набљудувач и за статус на партнер за демократија со Парламентарното собрание, како и прашања во врска со состојбата на демократијата и на функционирањето и развојот на демократските институции во Европа. Комисијата, исто така, подготвува извештаи за активностите на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Дневниот ред на комисијата предвидува размена на мислења за состојбата на демократијата и владеењето на правото во Полска со претставници на владејачката коалиција и опозицијата, како и со претставници на граѓанското општество и медиумите, евалуација на партнерството за демократија во однос на Палестинскиот национален совет, состојбата во Либан и предизвиците врз стабилноста во регионот и европската безбедност, корупцијата како режим на владеење: бариера за ефикасноста на институциите и напредокот, политичките случувања во Иран и политичките последици од кризата во Украина.

Според најавата од македонското Собрание, Николоски во Париз ќе учествува во работата на Мониторинг комисијата на чиј дневен ред се темите: пост-мониторинг дијалогот со Турција, прелиминарни нацрт-извештаи за земјите кои не се во мониторинг постапка, ниту се вклучени во пост-мониторинг дијалог, како и состојбата во Украина и во Република Молдавија. На маргините на состаноците Николоски ќе оствари повеќе билатерални средби со членовите на Комисијата за политички прашање и демократија и на Мониторинг комисијата.

Најчитани вести