Николоски реизбран за потпретседател на ПССЕ и избран за прв потпретседател на Комисијата за политички прашања и демократија

На почетокот на сесијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, шефот на Македонската делегација, Александар Николоски беше реизбран на местото потпретседател на Парламентарното собрание на Совет на Европа. Според распоредот на сесијата Николоски претседаваше со сесијата претпладнево.

Во текот на сесијата, при изборот на новите претседатели и потпретседатели на работните тела на Парламентарното собрание, Николоски беше избран и за прв потпретседател на Комисијата за политички прашања и демократија. Во оваа Комисија членуваат шефовите на Делегациите на земјите-членки на ПС на СЕ. Комисијата детално разгледува политички прашања кои спаѓаат во рамките на мандатот на Советот на Европа и се занимава со итни политички ситуации и кризи во земјите-членки на организацијата.

Членовите на Комисијата имаат право да бидат застапени во делегациите на Собранието на релевантните европски министерски конференции и да ги следат нивните активности, а одржуваат и работни односи со европските и меѓународните организации, особено со Европската унија, ОБСЕ, ОН и нивните агенции и институции. Комисијата, исто така, ја промовира ратификацијата и имплементацијата од страна на државите-членки на Советот на Европа на конвенциите кои спаѓаат во нејзиниот делокруг.

Во изминатите две години Николоски беше потпретседател на Мониторинг комитетот на ПС на Совет на Европа.