Македонија

Николоски ја предводеше седницата на ПССЕ

Николоски ја предводеше седницата на ПССЕ

Шефот на Делегацијата на Собранието на Република Македонија, Александар Николоски вчера ја имаше честа да претседава со Парламентарното собрание на Советот на Европа во функција на потпретседател.

Пратеникот Николоски ја водеше седницата во текот на три дискусии, кои предизвикаа голем интерес и тоа за состојбата во Унгарија, за зголемување на транспартентноста во однос на сопственоста на медиумите како и  одговорноста на медиумите и етиката во медиумскиот амбиент.

Две години откако беше покрената во резолуција во врска со донесените закони во Унгарија, Парламентарното собрание реши да стави крај на “посебниот испит” на земјата истовремено повикувајќи ја да го продолжи дијалогот со Советот на Европа, со цел да се решат голем број на нерешени прашања. Пратениците ги поздравија досега преземените мерки од страна на унгарските власти а  особено го поздравија повлекувањето на предлозите во врска со смртната казна, истакнувајќи дека забраната на смртната казна е една од  “основните вредности” на Советот на Европа.

Собранието побара од земјите-членки да го преиспитаат нивното законодавство за да се обезбеди транспарентност на сопственоста на медиумите, така што јавноста има пристап до одредени информации во врска со сопственоста, управувањето и уредувачката структура на медиумите, како и нивното финансирање. Пратениците истакнаа дека е потребно транспарентноста на медиумската сопственост да и овозможи на јавноста  да формира мислење за вредноста на информациите, идеите и мислењата дистрибуирани преку медиумите.

Парламентарното собрание исто така ги повика медиумите да воспостават  етички кодекси, како и механизми за поплаки или други реакции од читателите, слушателите или гледачите во однос на усогласеноста со тие кодекси. Според резолуцијата усвоена едногласно, кодексите на етика  на новинарите и медиумите ќе овозможи да се гарантира квалитетот на нивната работа и тие да бидат одговорни пред јавноста. Парламентарното собрание, исто така, побара од земјите-членки да се движат кон декриминализацијата на клеветата, истовремено борејќи се против расистичкиот говор и говорот на омраза.

Ова беше вторпат шефот на Македонската делегација,  Александар Николоски да претседава со најстарата меѓународна организација во Европа, во која по принципот на ротација на Република Македонија и припаѓа едно од потпретстедателските места во текот на 2015 година.