Николоски во ПССЕ- Македонија ја штити надворешната граница на Европа иако не е членка на ЕУ

Република Македонија се обидува да обезбеди хуман пристап на сите бегалци од војната, и  не е точно она што се вели во Извештајот дека Република Македонија ја затворила границата. Република Македонија само ги канализира/насочува  бегалците на законските и легални точки за проверка и гранични премини, рече Александар Николоски пред ПС на Совет на Европа по повод извештајот за состојбата со бегалците во Грција.

Интегрален текст од обраќањето на Николоски:

Европа се соочува со еден од најголемите хуманитарни предизвици по Втората светска војна. Многу луѓе бегаат од војната и главно се од Сирија. Тоа е причината зошто нам ни треба заеднички европски пристап. Пристап кој ќе им даде хуман третман на овие луѓе со лоша судбина.

Морам да признаам дека извештајот кој го разгледуваме денес во ПС на Совет на Европа на многу места е едностран  па дури и неточен.  На пример во извештајот се користат зборови како ,, брутална реалност за Грција,,  или ,, гротескно несразмерен товар ,,заради местото на Грција на географската карта,,.  Зборувајќи за ова, Би сакал да ве информираm за предизвиците со кои се соочува Република Македонија заради нејзиното место на географската карта.

Ситуацијата во Република Македонија е повеќе од специфична, со оглед на притисокот со кој се соочуваме од нелегалните мигранти на нашата јужна граница,  што е практично надворешна граница на Европската унија. Тоа значи дека Македонија се соочува со кризна ситуација која се прелева од земја-членка на Унијата, која исто така е членка и на Шенгенскиот договор. Поточно, нашата соседна земја Република Грција, на организиран начин, секојдневно транспортираше илјадници мигранти на нашата граница. Само во текот на 2015 година повеќе од еден милион мигранти транзитираа низ територијата на Република Македонија.  Вкупното население во Македонија брои 2 милиони граѓани. За да ја илустрирам оваа поента, јас само ќе споменам дека на 11 септември, во само еден ден, 10.400 мигранти влегоа во нашата земја. Исто така, во Извештајот не се споменати активностите на грчките невладини организации  кои организирале и давале инструкции на многу мигранти како да ја нападнат македонската полиција и насилно да ја преминат границата.

Република Македонија се обидува да обезбеди хуман пристап на сите бегалци од војната, и  не е точно она што се вели во Извештајот дека Република Македонија ја затворила границата. Република Македонија само ги канализира/насочува  бегалците на законските и легални точки за проверка и гранични премини.  На секој оној кој бега од војната му е дозволено да влезе во земјата и да го продолжи својот пат кон север и Република Македонија се обидува да им обезбеди хуман пристап. Но на оние кои се економски мигранти кои доаѓаат од земји кои не се погодени од војната, во согласност со одлуките на ЕУ Република Македонија не може да ги прифати. Се надевам дека сите остануваме на тоа дека мора да им помогнеме на бегалците и да се направи разлика со економските мигранти.

Овие бранови од бегалци бараат зголемена соработка помеѓу земјите на Европската унија, и нам ни треба заедничка европска одговорност и заедничка утврдена бројка на мигранти кои се насочуваат и прифаќаат од сите земји од Европската унија. Не само Германија, туку сите земји од Европската унија треба да покажат солидарност, да се приклучат во оваа фаза, да дадат поддршка на она што  Германија го прави. И останатите  земји членки на Унијата треба да помогнат.

Бараме заеднички и одговорен пристап на Европа кон ова прашање. Не  оставајте не сами во оваа криза. Република Македонија не е и не треба да биде жртва на неуспесите на особено на Република  Грција, која треба да ги заштити надворешните граници на Европската унија и да се справи со проблемот на миграцијата. Не заборавајте дека ние сме единствената земја која не е членка на Европската унија а која добива мигранти од земја членка  на Европската унија. И парадоксот да биде поголем, Република Македонија, чие име поќитуван известител го употребивте со навредливо значење за нас користејќи ја референцата “ПЈРМ”, ве молам во иднина да не го правите тоа, значи Македонија е таа земја што не е членка на ЕУ само поради грчкото вето, а истата таа Грција  не успева да ја заштитува надворешната граница на ЕУ и сега малата Македонија мора да го прави тоа.

Се надевам дека извештајот ќе ги утврди овие факти, имајќи ги во предвид следните извештаи по ова прашање.