Николов: Деструктивното влијание на СДСМ доведе до загрижувачка состојба во здравствените установи

Директното мешање во здравството и деструктивната политика на СДС врз здравствениот систем на Република Македонија доведе до големи проблеми во функционирањето на истиот. Ефектот на ова деструктивно влијание на СДС доведе до загрижувачка состојба во здравствените установи низ целата држава, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Игор Николов истакна денеска дека ова резултираше со штетно мешање во здравството, кое што се манифестираше последниве пет месеци.

„Тоа се расипана медицинска опрема во голем број здравствени организации, нови апарати кои не се одржуваат и се нефункционални, зголемување на времето на чекање во МојТермин, нестручни кадровски решенија кои што резултираат со незадоволни пациенти и незадоволни лекари и медицински персонал. Ете тоа е сликата од влијанието на СДС врз здравството. Во 21-от век, некој дозволува во македонското здравство да не работат основните дијагностички апарати, а несоодветните кадри на СДС не се ни обидуваат да го решат тоа, туку ги оставаат граѓаните да патуваат по стотици километри за една вообичаена дијагностичка процедура“, посочи Николов.

Рече дека во Медицинскиот центар Штип не работи ангиографот, во кампусот клиники Мајка Тереза не работат два компјутерски томографа, а веќе подолг период не работат ниту апаратите за компјутерска томографија во болниците во Охрид и во Струмица, додавајќи дека пациентите се упатуваат на друго место.

„СДС без објаснување и скандалозно ја запре изградбата на новиот клинички центар во Кампусот Мајка Тереза и дополнително го укина ургентниот интернистички центар при што притисокот врз терциерното здравство се повеќе се зголемува. СДС и нивното деструктивното мешање во здравството се директна причина што иако опремена и најавена за пуштање во функција, сеуште не е отворена новата интензивна нега на Клиниката за Детски болести. Овој важен дел од Клиниката за детски болести е подготвен и опремен со проект на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а сѐ уште не се отвора од причини познати само на СДС. Со тоа се ставаат во опасност животите на најтешко болните деца. Во изминативе месеци откако е СДС на власт, сведоци сме на трагични случаи на Клиниката за гинекологија и клиниката за Детски болести, за кои освен паушални изјави, не се соопштува за превземање на некакви соодветни мерки за да не се случат повторно“, нагласи Николов.

Според него, на толку напор да се подобри здравствениот систем и вложени инвестиции од страна на претходната Влада, како и набавена нова медицинска опрема и сериозно унапредени услови за пружање на здравствени услуги, СДСМ покажале дека се неспособни да менаџираат и да раководат со здравствениот систем.

„Крај на оваа хаотична состојба во здравството ќе стават граѓаните на изборите на 15-ти октомври. Тие ќе кажат НЕ на политиката на владата на СДС која со директно мешање го нарушува функционирањето на здравствениот систем“, рече Николов.