Николовска: Постои голем интерес за лекување во Центарот за традиционална кинеска медицина во Штип

Основањето на Центарот за традиционална кинеска медицина претставува дел од Проектот на Владата за имплементација на традиционалната кинеска медицина во Република Македонија. Постои многу голем интерес кај населението, бидејќи станува збор за начин на лекување којшто за првпат се воведува во нашата држава.

Ова го истакнува директорката на Центарот за традиционална кинеска медицина Ленче Николовска во интервјуто за Македонската информативна агенција.

Таа посочува дека во Центарот се применуваат сите методи на традиционална кинеска медицина, коишто се практикуваат и во болниците во Кина. Додека западната медицина ги третира симптомите и болеста, наведува таа, традиционалната кинеска медицина го лекува пациентот.

Истанува дека според традиционалната кинеска медицина, сите делови од телото се интимно поврзани меѓу себе и не е возможно да се лекува само еден симптом, орган или дел од телото, без да се земе во предвид целото тело.

– Центарот за традиционална кинеска медицина се состои од повеќе организациски единици меѓу кои се: Сектор за апликативна дејност во кој се даваат услуги од областа на ТКМ (акупунктура, моксибустија, капинг терапија, туина масажа и терапија со гуаша, кинеска хербална терапија), Сектор за едукација – Тренинг центар, за организирање на тренинг курсеви по акупунктура, моксибустија и капинг терапија за заинтересираните кандидати од земјава и од странство и Сектор за истражување – Истражувачки центар наменет за спроведување истражувања за безбедноста и ефикасноста на методите и постапките на традиционална кинеска медицина, во соработка со други меѓународни установи за комплементарна и алтернативна медицина (КАМ), потенцира Николовска.

Таа појаснува дека сите вработени во Центарот имаат завршено обука за акупунктура, моксибустија и капинг терапија во Пекинг, НР Кина и поседуваат соодветни сертификати. Во Центарот за традиционална кинеска медицина, нагласува, е ангажиран и доктор-специјалист по традиционална кинеска медицина, а наскоро ќе пристигнат уште четворица доктори по традиционална кинеска медицина од НР Кина.

– Секој пациент по своја желба може да ги користи услугите од областа на традиционална кинеска медицина кои се нудат во Центарот и не е потребен упат од матичен лекар или специјалист, додава Николовска во интервјуто за МИА.

 

Целото интервју можете да го прочитате тука