Николовски: Мислењето од Институтот за јавно здравје за алкохолот со кофеин е по барање на АХВ

Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска повторно го повика директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство да одговори зошто се продава алкохолен пијалок со висока содржина на кофеин и зошто не е почитувано мислењето од Институтот за јавно здравје.

Според Николовски, вчерашниот одговор од Агенцијата за храна и ветеринарство укажува на нестручноста и некомпетентноста на оваа институција.

– Директорот на АХВ очигледно не знае дека во септември 2015 година самиот донел нов правилник со којшто е ставен вон сила правилникот на кој се потпираа АХВ во нивната небулозна реакција. Ако биле компетентни, тие ќе знаеле дека стручното лабораториско мислење и анализа од Институтот за јавно здравје на РМ се однесува токму на комбинацијата на алкохол со висока количина на кофеин и влијанието врз човечкиот организам, а не на означувањето, изјави Николовски.

Тој рече дека е неточно оти стручното мислење не е по барање на АХВ бидејќи, како што посочи, примерокот е земен од нивни инспектор од граничниот премин Блаце и е доставен до Институтот за јавно здравје.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.