Николовски: Трајковски и ВМРО-ДПМНЕ селективно ги решаваат проблемите

Советничката група на СДСМ во Советот на општина Гази Баба се солидаризира и се придружува на протестите на жителите на населбата Камник против нетранспарентниот и игнорантски однос од страна на локалната власт предводена од градоначалникот Тони Трајковски, рече во саботата Дарио Николовски, координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на општина Гази Баба

Според него очигледна била „селективноста“ на Трајковски и ВМРО-ДПМНЕ при решавање на проблемите на тамошните жители, како и „фаворизирањето“ на решавање на проблемите само на лица кои се вработени во општината или, пак, се партиски активисти блиски до градоначалникот.

„Најдобар доказ за тоа е селективното асфалтирање на улиците, кое Трајковски и ВМРО-ДПМНЕ го прават по сопствен избор и по партиски заслуги, наместо преку усвоени и утврдени проекти. И наместо да излезе пред јавноста и да ја презентира целокупната документација преку која треба да се реалзираат планираните активности од инфраструктурата, градоначалникот ги игнорира граѓаните кои очекуваат отчетно и прецизно објаснување на плановите за работа на подрачјето Камник, ако воопшто и постојат некакви планови за развој на овој регион“, рече Николовски.

Според него ваквото игнорирање на граѓаните е недозволиво.

„Затоа ние како советничка група во Советот на Општина Гази Баба, на првата наредна Седница закажана за 31.07.2017 година ќе побараме точка на дневен ред да биде Информација за состојбите и планот за решавање на проблемите на жителите на населба Камник. Оттука, ги повикуваме жителите на населба Камник да определат свои претставници кои ќе присуствуваат на Седницата, а го покануваме и градоначалникот Трајковски да присуствува на седницата и да се соочи со граѓаните. Гази Баба не заслужува ваква неодговорна и несериозна локална власт и затоа веќе во октомври граѓаните ќе изберат нов градоначалник и Совет кои ќе работат професионално и одговорно. Новата локална власт предводена од СДСМ ќе работи неселективно и во интерес на граѓаните, а главен приоритет ќе биде обезбедувањето на квалитетни услови за живот во сите населени места во општината“, додаде Николовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.