Николовски: ВМРО-ДПМНЕ е најсилната македонска политичка партија и тоа некому му смета

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски гостуваше во емисијата „Фактор 24“ со Горазд Чомовски на ТВ 24 Вести. За време на интервјуто Чомовски третираше различни теми на кои не се задржа предолго и потемелно поради ограничувањето во време за разговорот со Николовски.

Една од темите беа и прислушуваните разговори, па зборувајќи за нив и за селективниот пристап на СЈО во своето работење, Николовски рече:

„Веројатно во селекцијата на разговорите Заев се заштити себе и своите сопартијци, но клучното прашање е кој, зошто и со која цел го направил тоа (прислушувањето, н.з.). Затоа што ова е втор пат да ни се случува, од независноста на државата досега. Откривањето на тоа кој го правел тоа, зошто, со која цел и чива нарачка ќе спречи да се случи трет пат. Инаку, доколку тоа не се случи ние остануваме заложници на одредени структури кои што се од политичкото подземје да продолжат да уценуваат цела една држава, можеби за 5, 10, 15, 20 години и никој да не се чувствува комфорен.“

Тој за работењето на СЈО  кажа дека пропуштија златна шанса да работат независно и неселективно, и додаде:

„Друга политичка партија, во случајов СДСМ, го напаѓа својот конкурент ВМРО-ДПМНЕ злоупотребувајќи една институција која што при формирањето не и беше целта да биде злоупотребена. СЈО беше дел од политички договор. ВМРО-ДПМНЕ целосно застана зад договорот, гласаше и за законот за СЈО и за кадровското решение и за буџетот кој е 4 пати поголем од буџетот на ОЈО. Нашата цел беше да поддржиме инситуција која што ќе работи независно. Но за жал после 4-5 месеци се покажа дека други работи се случуваат (во СЈО, н.з.)“.

Новинарот Чомовски се обиде да го наметне и прашањето кое што медиумите блиски до СДСМ по задача го поставуваат деновиве, околу лидерството на Груевски на чело на ВМРО-ДПМНЕ, но беше пречекан со прецизен и јасен одговор од страна на Николовски – семето на пропагандата на опозицијата нема плодна почва во ВМРО-ДПМНЕ.

„ВМРО-ДПМНЕ е најсилната политичка партија која што го претставува македонскиот народ и очигледно е дека тоа некому му смета, а исто така смета и тоа што Никола Груевски исклучително успешно ја води партијата. Мислам дека тоа е едно прашање кое што вештачки се создава и прашање чие што семе не може да изрти во ВМРО-ДПМНЕ затоа што нема таква атмосфера во партијата.“, кратко и јасно соопшти членот на ИК Николовски.

Зборувајќи за очекувањата на граѓаните од ВМРО-ДПМНЕ и реакциите во последниот период Николовски рече:

„ВМРО-ДПМНЕ е партија од народот, ние сите сме дел од тие луѓе и мислам дека како политичка партија најмногу комуницираме со обичниот народ, ги чувствуваме неговите радости, неговите таги, неговата грижа, и токму чувствувајќи го тој импулс ВМРО-ДПМНЕ ја отфрли тиранската платформа, не се согласи за двојазичност во Македонија и затоа не создаде влада. Инаку доколку ги прифатеше ВМРО-ДПМНЕ тие работи во овој момент ќе зборувавме за друга реалност.“

Тој ја коментираше и тиранската платформа, додавајќи:

„Клучното прашање е не зошто ВМРО-ДПМНЕ не се договори со ДУИ, туку зошто СДСМ се договори. И тоа исто така претставници на ДУИ го кажаа многу јасно, кажаа дека тоа за што се разговарало со ВМРО-ДПМНЕ не било доволно, а тоа за што се разговарало со СДСМ било доволно за да направат коалиција и ние сега ја имаме таа коалиција.“

За крај Чомовски праша колку биле реални сценаријата дека идната влада ќе се обидела да ја внесе Македонија во НАТО и ЕУ под привремената референца БЈРМ.

„Така би требало да изгледаат работите затоа што согласно времената спогодба која што Македонија и Грција ја имаат потпишано, Грција не смее да се противи на членството на Република Македонија во меѓународни организации каде што Грција е член, во случајов НАТО и ЕУ, се додека Македонија ја користи времената референца која што е усогласена и прифатена со резолуција на Советот за Безбедност на ООН во 1993 година. Ние за жал во изминативе 10 години брутално го видовме она правило на меѓународната политика дека во меѓународната политика посилните го прават она што сакаат, а послабите она што мораат. И тоа Грција го покажува во однос на нас. Така што 10 години иако имаме времена спогодба не ја почитуваат.“, заврши Николовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.