11.8 C
Skopje
петок, април 19, 2024

Никовски: Договорот е понижувачки, Заев ќе потпише капитулација

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски во вечерашното свое гостување во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, истакна дека договорот меѓу Република Македонија и Грција кој најверојатно ќе се потпише деновите во Преспа, претставува капитулација на Република Македонија.
Според него овој чекор на Заев е неприфатлив бидејќи претставува предавство на сопствениот народ и држава.

„Сѐ е прифатено што бараше другата страна и ова е една директна и апсолутна наша капитулација бидејќи од самиот почеток, односно од пред 30 години колку што трае овој процес ние можевме да го прифатиме ова. Ова е предавство на сите досегашни премиери и претседатели кои беа свесни дека ова што сега се прави е неприфатливо. Тоа е катастрофа за Македонија и сега ни се претставува како некој голем успех и достигнување“, рече Никовски.

Додаде дека Грција не нѐ признава дека постоиме како Македонци, и ако некој се мисли дека по овој договор ќе нѐ признаат и прифатат како Македонци, тогаш, според него, тоа е само залажување.

„Зошто ние би барале од Грците да нѐ признаат дека ние сме Македонци и да се свртиме и да мавтаме дека ние сме Македонци. Ние сме Македонци и ние не зависиме од Грците“, рече Никовски.

Никовски праша кој му дал право на Заев и неговиот тим да преговара и да прави отстапки односно да прифаќаат откажување дека Македонците не се наследници на античките Македонци. Според него тоа можат да го кажат само историчарите, но не и Зоран Заев. Тој ја искоментира и изјавата на Заев дадена за Бугарска телевизија БДТ пред два месеца каде што Заев за спорот со името изјавил дека е  многу важно решението кое ќе се прифати да не биде Македонија обезличени и обезчестени дома. Но, како што рече Никовски со овој договор на помеѓу Заев  и Ципрас, Македонија е и обезличена и обезчестена дома бидејќи зборот Македонија се брише.

„Овој договор е понижувачки за Македонија. Премиерот пред два месеца рече за Бугарската телевизија БДТ многу е важно да не бидеме обезличени дома, да не бидеме обезчестени . Со овој договор и обезличени сме и обезчестени сме. МАНУ нема да биде веќе МАНУ, МТВ нема да биде веќе МТВ, Македонски железници нема да бидат македонски железници, нашата репрезентација нема да игра со името Македонија. Македонија зборот се брише,“ нагласи Никовски.