Никовски: Донесов инвестиции вредни 83 милиони евра, трошоците направени за време на мојот ангажман се службени

По натписите во медиумите блиски до СДСМ со наслов “Синот на Ристо Никовски добил 217 илјади евра од Буџетот од претходната власт”, со изјава до јавноста излезе Александар Никовски.

-За време на мојот ангажман како советник на премиерот за странски инвестиции донесов директни странски инвестиции во Македонија вредни 83 милиони евра со кои се планирани над 3,200 вработувања. Дополнително уште една компанија со која работев потврди намера за инвестиција која предвидува дополнителни 500 вработувања и инвестиција од најмалку 25 милиони евра. Покрај овие инвестиции работев на бројни други проекти, неколку од нив во напредна или завршна фаза кои доколку успешно се довршат ќе донесат додатни инвестиции над 60 милиони евра и 1,500 нови работни места, вели Никовски.

Тој порачува дека фокусот на неговата работа беше да се донесат инвестиции и да се отворат што поголем број на работни места за граѓаните.

-Процесот за да се привлечат инвестиции од реномирани и водечки странски компании е долготраен и бара голема посветеност, состаноци со голем број на компании, многубројни патувања, службени вечери, репрезентација и слично. Без ова нема резултати. За време на вршењето на оваа работа се разбира дека имало службени трошоци за патувања, сместување, службени вечери со инвеститори и слично. Трошоците направени за време на мојот ангажман се стриктно службени трошоци кои секогаш беа соодветни на приликата и беа направени со единствена цел да се привлечат инвестициите. Сите службени трошоци беа доставени на увид и одобрени од владата. Често имаше и трошоци кои ги плаќав од свој џеб со желба дополнително да допринесам. Секое настојување да се споменуваат само трошоци од мојата работа без да се спомнат и резултатите е обид да се креира еднострана и несоодветна слика, вели Никовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.