Никовски: Груевски јасно стави до знаење дека граѓаните се тие што одлучуваат која партија ќе биде на власт

Поранешниот дипломат, Ристо Никовски смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски јасно ставил до знаење дека избори мора да има на 24. април и дека граѓаните се тие кои ќе одлучат која партија ќе биде на власт.

Никовски оцени дека реториката на Груевски била вообичаена, а нагласениот вокабулар во согласност со настанот.

– Чинам дека е клучна пораката упатена и до домашната и до странската политичка јавност дека во Македонија граѓаните се тие што одлучуваат кој ќе биде на власт. Исто така, многу е важен фактот дека избори мора да има на 24 април бидејќи, во спротивно, државата ќе оди кон колапс. Добро е што тоа го сфатија и во Вашингтон и во Брисел на кои им е јасно дека опозицијата не нуди конструктивна опција. Груевски е во право кога вели дека со ДИК и со МВР во свои раце опозицијата не може да игра на картата дека изборите во април нема да бидат фер и коректни – вели Никовски за Телеграф.мк.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ вчера нагласи дека на 24. април, доаѓа казната и одмаздата на народот, доаѓаат неговите 5 минути.

– Тоа е ден кога овој народ, народот на Македонија, на сите ќе им покаже кој е кој во оваа држава, односно чија е оваа држава. Во април, народот на Македонија ќе си ја врати делумно одземената власт, и преку масовното гласање на изборите ќе ги избрка на клоци вештачки и насила насадените функционери и ќе испрати неколку пораки – рече Груевски.