Никовски: На СДСМ се им беше допуштено, но ја загубија шансата

Во отвореното студио на Тв Нова, дипломатот Ристо Никовски анализирајќи ја актуелната состојба во земјава рече дека притисокот на меѓународната заедница сега ќе падне и врз опозицијата.

„Притисоци ќе има, меѓутоа досега на мета беше власта, а веќе имаме една нова ситуација кога 50 проценти од притисокот ќе биде насочен кон опозицијата. Досега сè им беше допуштено, но веќе СДСМ ја загубија шансата“, истакна тој.

Никовски додаде дека уште кога на 5 или 6 мај двете албански партии рекоа дека нема да одат на избори, на сите им стана јасно дека избори нема да се одржат.

„Одлуката на Уставниот суд се појави како излез од кризата. Да ја видиме генезата, која е негирање на резултатите од изборите во 2014-та година кои беа релевантни, а разликата беше огромна. Сите договори се склучуваа за да се поништат резултатите од тие избори, при што владеачката партија направи огромни отстапаки. Сега дојдовме до нова ситуација кога опозицијата не сака избори и се создава ситуација во која се бара некој консензус“, вели Никовски.

Тој зборуваше и за работата на Специјалното јавно обвинителство и начинот на кој што тоа ја врши својата функција.

„СЈО треба да постои, бидејќи имаме високо ниво на корупција, но досега СЈО водеше политика и тоа е неприфатливо. Јас сум за тоа сите да одговараат за своите постапки, но не преку политички мерки“, додаде Никовски.

Тој истакна дека е важно да се објасни суштината.

„Меѓународниот фактор во Македонија не игра улога на помирувач туку има свои нагласени гео стратешки интереси, пред се мислам на Вашингтон кој е слепо следен од Брисел. Сето она што тие го прават, го прават за своите цели, игнорирајќи ги нашите интреси“, истакна Никовски.

Според него, оваа криза не е случајна, туку е исценирана со сите прислушувања и сите бомби.

Тој додаде дека она што се случуваше денеска е еден позитивен исчекор за решавање на кризата, но тоа не значи дека проблемите се решени.