Никовски: Одлуката на Иванов да не учествува на самитот на НАТО е одличен потег

Одлуката на Иванов да не учествува на самитот на НАТО е одличен потег, вели Ристо Никовски за ТВ Нова и додава дека ако Македонија беше примена за членка во Букурешт во 2008 година, моменталната ситуација во земјата, кризата по прислушувањето ќе беше незамислива.

Мислам дека се работи за исправна порака, за одличен потег, бидејќи доста беше, премногу време дозволивме да НАТО си поигрува со нас, да ни поставува блокада, уцена и ултиматум прво да се прекрстиме, а потоа членство. Тоа се непристојни услови. Истовремено се однесува нелегално бидејќи не почитува одлука на Хашкиот суд, а ние досега сето тоа го толериравме и не покажувавме дека тоа е непристојно и неприфатливо, изјави за ТВ Нова поранешниот амбасадор Ристо Никовски, коментирајќи ја одлуката на претседателот на Република Македонија да не учествува на претстојниот самит на НАТО во Варшава.

Според Никовски, ова е почеток на едно ново наше однесување.

Крајно време беше така да се постапи и НАТО секако ќе ја прими таа порака дека Македонија, самите рекоа, ги исполнува сите услови за членство уште во 2008 година, а еве веќе 8 години нѐ држат ни на небо ни на земја, што е крајно некоректно и што е клучно и суштинско на штета на мирот и стабилноста, не само на Македонија, туку и на целиот регион, рече Никовски.