Никовски: Странските инвестиции во 2015 ќе растат со забрзано темпо

Веќе постои зголемена свесност за Македонија како поволна бизнис дестинација помеѓу странските компаниии. Етаблирањето на земјата во бизнис светот е еден од најголемите успеси и на тоа продолжуваме интезивно да работиме, вели во интервју за економски.мк Алек Никовски, советник за странски инвестиции на премиерот Никола Груевски. Според него, политиките за привлекување инвестиции даваат позитивни резултати, а трендот со забрзано темпо ќе продолжи и во следната 2015 година.

Економски.мк: Во последната една недела објавени се две нови големи инвестиции од страна на aмериканската компанија Гентерм и германската компанија Костал. Од почетниот контакт со овие две компании до објавата за инвестиција, вие го водевте процесот и сте еден од најзаслужните за носењето на одлуката. Дали можете да ни го опишете процесот за носење инвестиција. Како ги избирате фирмите со кои ќе преговарате и како течат преговорите до носењето на одлуката?

Никовски: Важно е да се каже дека процесот за носење на инвестиција е доста долг и често трае неколку години.

Имаме развиенa стратегија со прецизни критериум за контактирање и избирање на фирми. Таа е базирана на секторска анализа каде сметаме дека имаме конкурентна понуда како инвестициска дестинација и потоа правиме селекција врз база на детални согледувања, вклучувајки: големина на компанија, раст, искуство во странски директни инвестиции (СДИ) и сл.

Најчести извори на контаки се: директното пристапување до компаниите, владините roadshow-a, личен network и разни други средби и настани.

Првичниот контакт е најчесто во вид на средба со врвниот менџмент на компанијата каде што ги презентираме можностите и поволностите на Република Македонија како инвестициска дестинација. Важно е, тоа секогаш да биде реализирано на релевантен начин, кој ќе биде прилагоден на стратегијата, потребите и интересите на компанијата, за тие полесно да увидат дека токму Македонија е правиот избор за реализација на нивните инвестициски планови.

При донесувањето на инвестициските одлуки, компаниите имаат голем избор на дестинации и конкуренцијата секогаш е голема, со оглед на тоа што, покрај Македонија најчесто се разгледуваат неколку други земји, при што, на крај, се разбира, ги бараат најповолните услови за нивната ивестиција.

За посериозните инвеститори следат неколку посети на земјава каде делегации на менаџментот детално ги разгледуваат условите во земјата, разговараат со релевантни институции и разгледуваат можни локации.

Фокусирано работиме за, најпрво, да влеземе во потесна селекција на компанијата, а потоа и да го убедиме менџментот да ја остварат нивната инвестиција токму во Македонија.

Економски.мк: Двете компании ќе инвестираат надвор од Скопје, едната во Прилеп, другата во Охрид. Дали вие ги нудите локациите за да овозможите развој на сите региони или оставате на странците сами да одберат каде ќе инвестираат?

Никовски: Секогаш заеднички работиме со компаниите за детално да ги разбереме нивните инвестициски планови и потреби и врз база на тоа предлагаме неколку потенцијални локации.

Нашата цел е рамномерен развој на сите региони во државата, така што настојуваме да ги дисперзираме се поголемиот број на инвеститори низ целата територија на државата.

На инвеститорите најчесто им нудиме гриндфилд и браунфилд локации во внатрешноста на земјата и се фокусираме на локации кои што можат да ги понудат потребните бизнис услови. Со тоа, на еден транспарентен начин им ги посочуваме локациите и регионите каде до тој момент нема голема концентрација на инвестиции или пак сеуште нема активна компанија.

Финалната одлуката за дестинација, се разбира, секогаш ја носи компанијата. Меѓутоа, нашиот принцип е да им овозмозиме да донесат информирана одлука, базирана на факти и реален потенцијал.

Економски.мк: Веќе има во најава за над 10 компании кои ќе објават инвестиција во 2015. Кој е таргетот за следната година? Дали овој инвестициски циклус ќе продолжи со забрзано темпо?

Никовски: Една од најважните работи која е директно поврзана со се поголемиот број на СДИ проекти е зголемената свесност за Македонија како поволна бизнис дестинација помеѓу странските компаниии. Тоа особено ме радува. Етаблирањето на земјата во бизнис светот е еден од најголемите успеси и на тоа продолжуваме интезивно да работиме. Тоа веќе дава и очигледно ќе продолжи да дава позитивни резултати.

За нас секоја инвестиција е значајна, без разлика на големината на бројките. Нормално, секогаш настојуваме да ги надминеме предходните резултати, но главна цел ни е да отвориме што повеќе нови работни места.

Уверен сум дека овој тренд ке продолжи, дури и со забрзано темпо. Од лично искуство знам дека неуморно се работи за отварање на нови контакти, создавање на нови проекти, реализирање на нови инвестиции и отворање на нови работни места за граѓаните на Република Македонија

Целосното интервју прочитајте го на Економски.мк