Нимиц: Еднаш ќе мора да донесете одлука, сега е моментот бидејќи нема избори

Не навлегувам во идентитетот на државата, туку го зајакнувам. Вие имате силен идентитет, не само од осамостојувањето, туку и од време на поранешна Југославија и од Отоманската империја, рече медијаторот Метју Нимиц во интервју за телевизија Сител во врска со предлогот за решавање на прашањето за името.

Според Нимиц, не е тајна дека договорот е сеопфатен, односно го опфаќа и идентитетското проашање.

„Се обидов да ги опфатам најголемите проблеми и да најдам начин од интерес на двете страни. Според мене, со предлогот идентитетот е безбеден и со моите идеи е уште повеќе зајакнат. Предлозите ги напишав на четири страници и ги дадов на надлежните. Треба време да размислат, три до четири дена, а потоа да се разговора“, истакнува Нимиц.

Најавува дека ќе ги посети двете земји во наредните десетина дена за да се најде компромис.

Оцена на медијаторот е дека спорот за името претставува голема штета за двете земји доколку неговото решавање и натаму се одолговлекува, а за разлика од минатото, ситуацијата сега е променета.

„Атина излегува од економска криза, поуверени се и се обидуваат да играат поголема улога во регионот. Во Скопје има нова Влада којашто, се чини, дека е посветена на решавање на проблемот. Сега имам две влади со сериозни луѓе, двајца сериозни премиери и двајца министри за надворешни работи, тука се опозицијата и медиумите и еднаш ќе мора да донесете одлука. Сега е моментот бидејќи нема избори, да не се чека во наредните дваесет и пет години, зашто вие ќе бидете тука, јас не“, рече Нимиц.