Нимиц: Сега е вистинско време за изнаоѓање на решение за името

По средбите со државниот врв, специјалниот пратеник на Генералниот секретар на ОН и посредник во спорот за името Метју Нимиц истакна дека сега е вистинско време за изнаоѓање на соодветно решение за името.

„Разговарав со премиерот за ставот на македонската Влада повеќе пати досега. Ја слушнав позицијата на Владата и увидов подготвеност за изнаоѓање на конструктивно решение и подготвеност да се слушнат идеите. За Атина заминувам утре, ќе го слушнам ставот на грчката Влада и потоа ќе видиме кои се следните решенија“, изјави Нимиц по средбата со премиерот Никола Груевски.

Тој истакна дека решавањето на овој проблем со името е од важен интерес за сите европски земји како и за САД, пред се од безбедносен аспект.

Нимиц потсети дека она што се решава меѓу двете земји е името, а не идентитетот, како што досега се пишуваше во медиумите или се поставуваше како прашање кај многумина.