Нимиц во Атина ќе се сретне со Венизелос

Медијаторот Метју Нимиц денеска во Атина ќе се сретне со грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос, соопшти грчкото МНР.

Како што јави дописникот на МИА, засега нема официјални информации дека Нимиц ќе има средби и со други претставници на грчкиот државен врв.

Медијаторот на ОН во грчко-македонскиот спор околу името вчера во Скопје се сретна со претседателот Ѓорѓе Иванов, премиерот Никола Груевски, министерот за надворешни работи Никола Попоски и новиот македонски преговарач Васко Наумовски.

Речиси сите грчки медиуми објавија извештаи за средбите на Нимиц во Скопје, истакнувајќи ја неговата изјава дека „прашањето за името е прашање кое засега многу земји, вклучувајќи ги САД и Германија, и тие сакаат да го видат решено со оглед на случувањата во светот“.

– Проблемите не треба да се оставаат да тлеат, туку да се решаваат навремено, ја пренесуваат грчите медиуми изјавата на медијаторот по средбата со премиерот Никола Груевски.

Како што се очекуваше, само некои од медиумите го пренесоа коментарот на Нимиц дека не преговара за идентитетот.

– Народите си имаат свои идентитети и за нив не се преговара, туку тие ги креираат со своите дела, со својата култура. Оваа земја си има свој идентитет, рече Нимиц во Скопје.

МИА