„Нисан“ ги разгледува можностите за инвестирање во Македонија

Јапонскиот производител на возила „Нисан“ ги разгледува можностите што ги нудат Македонија и Албанија за да отвори фабрика за монтирање на возила, пренесува МИА.

Според албанската агенција Балкан веб, компанијата размислува да се повлече од другите земји на југоисточна Европа поради зголемените трошоци и сега „во остра трка да ја добијат довербата на компанијата се Македонија и Албанија“. Но, како што оценува, Македонија е во голема предност.

– Албанија е во предност поради географската положба и пониската цена за транспорт од пристаништето Драч. Освен тоа и новиот логистички парк се гледа како уште една поволност за привлекување на инвестицијата. Но, во овој случај Македонија е силен конкурент на Албанија. Многу пониските даноци и перфектното функционирање на слободните зони и даваат голема предност на Македонија, особено за оваа инвестиција, констатира агенцијата.

Според агенцијата, Албанија поради зголемените даноци ја губи конкуретноста за инвестиции во регионот. Тоа е причината заради која и други компании во изминатите години ја заобиколиле Албанија и инвестирале во Македонија или Србија.