Ништо ново од новиот претседавач со ЕУ

Од денес почнува 6 месечното грчко претседателство со Европската Унија. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина,  проширувањето на Унијата не се наоѓа меѓу грчките приоритети, а според познавачите на состојбите тоа е така пред се поради отворените спорови што Грција ги има со двете соседни земји – Македонија и Турција.

Добар гест од страна на Грција во однос на Македонија во следниве шест месеци е многу тешко да се очекува. На чело со Самарас и така непопустливата грчка позиција дополнително се радикализираше, а билатералните односи со Македонија значително се влошија.  По примерот на своите претходници и Самарас продолжува со игнорирање на Времената спогодба и пресудата од Хаг.

Наместо проширувањето, во грчката агенда за време на претседавањето ќе доминираат прашањата за невработеноста, поморската политика, илегалната миграција итн.

Грција го презема претседавањето во период на економска криза која владее не само во земјата, туку и во рамките на целата Унија. Според официјалните податоци над  124 милиони Европејци односно една четвртина од граѓаните во Унијата живеат со ризикот од сиромаштија. Бугарија, Романија, Латвија и Грција се наоѓаат на врвот на оваа неславна листа.

Освен економските проблеми, Унијата се соочува и со проблематичен кредибилитет, а најдобар пример за тоа е игнорирањето на меѓународното право во случајот со Македонија и негирањето на основното човеково право на самоопределување.