Ништо од црните кутии на авионот на „Иџипт Ер“ што се урна во Средоземното море

Ништо од црните кутии на авионот на „Иџипт Ер“ што се урна во Средоземното море. Првичните обиди за преземање на информациите од црните кутии од авионот на „Иџипт Ер“ што се урна во Средоземното море на 19-ти мај се безуспешни, па затоа клучните делови од кутиите ќе бидат пратени во Франција на поправки, според египетските и властите во САД, пренесува „Гардијан“.

Матичните плочи од кутиите ќе бидат испратени во бирото за авионски несреќи во Париз, а откако ќе бидат поправени и исчистени од сол, ќе бидат вратени во Каиро за анализи, велат од Египесткиот комитет за истрагата.

Црните кутии биле мошне оштетени при уривањето на авионот на „Иџипт Ер“ , кој леташе на релација од Париз до Каиро. Во несреќата 66 лица ги загубија животите.

Во црните кутии најчесто има мошне важни информации за истрагата, како што се разговорите меѓу пилотите, детали за работењето на моторите и навигациските системи на авионот, за работењето на автопилотот, па дури и информации за алармите за чад.

Пилотите пред уривањето не испратиле никакво предупредување, а засега никој не ја преземал одговорноста за уривањето на авионот.

Според информациите што протекоа, еден од сензорите регистрирал чад во тоалетот и проблем со два прозорци на кокпитот на авионот во последните мигови од летот.

Според министерот за цивилно воздухопловство на Египет Шериф Фатхи многу е поголема веројатноста зад уривањето на авионот да стои терористички чин, отколку технички проблем.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.