Ниту Груевски ниту Иванов – со кого Грците би сакале да разговараат за името ?

Ниту Груевски како премиер ниту Иванов како претседател се посакуваните соговорници за јужниот сосед во разговорите за проблемот што го имаат со нашето уставно име, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.

Во грчкиот печат и натаму доминира тезата дека со ВМРО-ДПМНЕ на чело на државата тешко ќе се дошло до решение за името. Инаку, решението по мерка на Атина треба да претставува сложено име со географска одредница и тоа за вкупна употреба односно целосно бришење на Република Македонија, почнувајќи од македонскиот Устав.

Со критики и обвинувања во однос на македонските црвени линии за името весникот „Етнос“ го проследи неделниот говор на претседателот Иванов. Обвинувајќи го дека наводно усвоил и искажал тешка националистичка и иредентистичка агенда, „Етнос“ пишува дека тоа покажувало и дека владата на Груевски ги поништува сите изгледи за компромис за прашањето за името, при тоа обврзувајќи се и да распише референдум за каков било договор. За „Етнос“, националистичко и иредентистичко било тоа што претседателот Иванов се обврза да ги штити македонскиот Устав и македонскиот идентитет.

„Господин Иванов предупреди дека нема да прифати никакви промени во Уставот на Република Македонија и да го промени уставно име на земјата и исто така истакна дека нема да прифати било каква идеја или сугестија која би ја загрозила специфичноста на македонската култура, националниот идентитет , македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот “, коментира „Етнос“ нагласувајќи дека според анкетите Иванов е во предност пред кандидатот на СДСМ.

Освен победа за Иванов, грчкиот печат прогнозира и победа на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните парламентарни избори и тоа со голема разлика.

„Според речиси сите предвидувања во Скопје, на парламентарните избори на 27 ми април, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски се очекува да победи со висока разлика, додека албанската партија ДУИ се очекува да надвладее меѓу албанските партии во Македонија”, пишува весникот „Реал“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.