Низа факти од искреираните материјали беа премолчени од Заев

На вчерашната прес-конференција на опозициската СДСМ, лидерот Зоран Заев објави креирани материјали, но премолче низа факти. Тој заборави да спомне многу работи кои јасно се слушаат во разговорите, кои Заев незаконски ги поседува и објавува.

Така, во разговорот меѓу Гордана Јанкулоска и нејзин соговорник, се дознава дека симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ се пожалиле дека ги нема во избирачкиот список, при што се констатира дека законски ќе се постапува и тие го пропуштиле рокот да реагираат.

Кирил Божиновски во разговор со Јанкулоска се жали дека медиумите блиски до СДСМ прават местенка со гласачите од Пустец. Тој вели дека отишле телевизиски екипи во некои станови и бараат наводни гласачи од Пустец.

Јанкулоска во креираните разговори потврдува докази за малверзации со вадење на дупли лични карти на изборите во Охрид.

Лица од Кочани се повикани на информативен разговор, но не затоа што се членови на СДСМ, туку затоа што со своите активности го кршеле законот. Тоа се слуша од разговорот Тодоров-Јанкулоска кој го објави СДСМ.

Дека законот е ист за сите, потвдрува и разговорот во кој се вели дека во Струмица симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ пукал со пиштол плашливец во воздух и против него ќе биде поднесена прекршочна пријава.

Од граѓаните не останаа незабележани работите кои Заев ги премолче. Токму фактот што тој ја злоупотребува нивната интелигенција е причина од нив да не ја добива довербата на избори.

Како што веќе објавивме, со ваквите материјали СДСМ мошне свесно манипулира за прекршувања на изборниот процес. Но, тоа не поминува кај граѓаните бидејќи тие беа дел од изборниот процес и знаат како поминале изборите.

Од тие разговори се дознава дека иако СДСМ во Свети Николе обвинува за штампање ливчиња на собир навечер во училиштето, посочената група всушност е иницијативен одбор за одбележување на верски празник, а гласачкиот материјал по собирот бил недопрен.

Ако некаде имало прекршување, вчера беше признато дека тоа го направиле симпатизери на СДСМ. Активисти на опозициската партија попречувале доставување на избирачкиот материјал, а исто така во време на изборен молк, членови на СДСМ делеле гласачки материјали во Нерези.

Од друг разговор кој СДСМ го објави вчера единствено што беше покажано е заложбите на владини министри да се решат одредени проблеми. Така, во разговорот кој Заев го најави дека се водел меѓу Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, се гледа дека тие разговараат за проблематичен застој на исплата на пензии со цел да се најде решение за побрза исплата на пензиите на граѓаните. Инспекциите биле пратени кај лица кај кои било констатирано дека вршат криминал, па затоа се реагира дека никој од нив не треба да штити криминалци.

СДСМ со снимките докажа дека тие се оние кои прават штета на земјоделците. Токму тие прават опструкции и намерно, преку откупувачите пред избори, ја спуштаат цената на зелката од 10 на 4 денари.

Овие работи Заев ги кажа во верзија која му одговара нему, но не е реална. Доколку во целост се видат креираните материјали, работите кои Заев сакаше да ги сокрие јасно се гледаат.

Извор: Курир.мк