Низа мерки поради најавениот снежен бран

Координативното тело на вчерашната седница донесе мерките меѓу кои и забрана за движење на тешки товарни возила и автобуси на патните правци, особено на потегот од Гостивар кон Охрид и обратно во случај на интензивни врнежи од снег кои се очекуваат ноќеска да ја зафатат територијата на Македонија.

Се препорачува екипите на МВР да ги засилат контролите на посочениот патен правец во врска со носењето задолжителна зимска опрема и непропуштање на возилата кои нема да носат зимска опрема.

Координативното тело апелира до сите граѓани кои патуваат на патниот правец Скопје–Охрид–Скопје, тоа да го сторат најдоцна денеска до попладневните часови поради безбедност во сообраќајот.

До градоначалниците во западниот дел од Македонија се апелира да ја подигнат мобилизацијата на највисоко ниво, редовно да оддржуваат состаноци и да се координираат во врска со акциите што треба да ги преземат за редовно чистење на патиштата кои се во нивна надлежност. На состанокот е договорено, доколку имаат потреба од дополнителна механизација да се обраќаат до Дирекцијата за заштита и спасување која им стои на располагање.

Се препорачува на граѓаните кои сметат дека постои опасност по нивното здравје и живот и возачите доколку имаат проблеми на патот да се јават на бесплатните броеви, 195 на Центарот за управување со кризи (ЦУК),  односно 196 на АМСМ, кои се достапни 24 часа.

Според прогнозата на УХМР, се очекуваат интензивни врнежи од снег посебно во делот на западна Македонија, ноќеска па се до утре попладне.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.