Низа превентивни мерки поради најавата за нов снежен бран

Состанок на Координативното тело денеска беше одржан во Министерството за транспорт и врски. На истиот се донесоа неколку мерки во врска со најавите за нов снежен бран кој се очекува да ја зафати територијата на Македонија во текот на утрешниот ден и понеделник.

Според прогнозата на УХМР се очекуваат интензивни врнежи од снег посебно во делот на Западна Македонија во текот на ноќта во недела па се до понеделник попладне.

На состанокот беше договорено доколку врнежите бидат со голем интензитет МВР да донесе забрана за движење на тешки товарни возила и автобуси на патните првци, особено на потегот од Гостивар кон Охрид и обратно. Исто така се препорачува задолжително носење на зимска опрема. Екипи на МВР ќе ги засилат контролите на тој патен правец во врска со носењето на задолжителната опрема и нема да се пропуштаат возила кои нема да носат зимска опрема.

Се апелира до сите граѓани кои патуваат на патниот правец Скопје–Охрид–Скопје, тоа да го сторат најдоцна до попладневните часови во недела поради безбедност во сообраќајот.

Исто така се апелира до сите градоначалници во задапниот регион на Македонија да ја подигнат мобилизацијата на највисоко ниво, редовно да оддржуваат состаноци и да се координираат во врска со акциите што треба да ги преземат за редовно чистење на патиштата кои се во нивна надлежност.

На состанокот беше договорено, доколку имаат потреба од дополнителна механизација редовно да се обраќаат до Дирекцијата за заштита и спасување која им стои на располагање.

На Координативното тело беше потенцирано дека сите граѓани кои сметат дека постои опасност по здравјето и животот да се јават на бесплатниот број 195 на Центарот за управување со кризи (ЦУК) кој е достапен 24 часа.

Исто така сите возачи доколку имаат проблеми на патот да се јавуваат на бесплатниот број 196 на АМСМ кој е достапен исто така 24 часа.