ВИДЕО: Њујорк ја легализираше марихуаната за медицински цели

Њујорк ќе стане 21-та држава во САД којашто ќе ги ублажи своите закони за употреба на марихуана за медицински цели.

Вчеравечер, гувернерот на американската сојузна држава Њујорк, Ендрју Куомо,  најави дека ќе биде дозволена продажбата и консумирањето на марихуаната во медицински цели. Тој најави пилот програма во дваесет болници во сојузната држава Њујорк во којашто живеат 19,5 милиони граѓани.

„Марихуаната може да помогне во намалувањето на болката и во лекување на ракот и други тешки болести. Дваесет држави веќе ја одобрија. Ќе изработиме програма којашто ќе им овозможи на 20 болници да ја препишуваат. Ќе ја следиме програмата за да ја оцениме делотворноста на системот на медицинската марихуана”, изјави гувернерот.

Дистрибуцијата на медицинска марихуана во Њујорк, за разлика од практиката во некои други сојузни држави, строго ќе се надгледува.

Оваа најава се совпаѓа со трендот на ублажување на законите за марихуаната во Америка. Првата американска држава  којашто на референдум дозволи продажба на марихуана беше Калифорнија во 1996 година, каде што медицинска марихуана може  да биде припишана за обична болка во грбот.

Колорадо, покрај американската држава Вашингтон, изгласа легализација за користењето и поседувањето канабис за лица постари до 21 година уште во ноември 2012 година.

Жителите на Колорадо можат да купат најмногу 28 грама за цена од околу 60 долари, а оние коишто не живеат во оваа сојузна држава смеат да купат седум грама од оваа дрога со покажување на лични исправи со што ќе мора да докажат дека се постари до 21 година.