Њујорк: Нова рунда преговори за името

Посредникот на ОН во спорот за името меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц, денеска во Њујорк ќе се сретне со македонскиот претставник амбасадорот Васко Наумовски и со грчкиот дипломат Адамантиос Василакис.

Средбите со претставниците на двете земји ќе се оджат во седиштето на ОН. Нимиц ќе има одделни средби со Наумовски и Василакис, а потоа и заеднички разговори.

Целта на средбите, според најавата од прес-службата на ОН, е да се продолжат напорите за изнаоѓање заемно прифатливо решение за спорот за името.

Допосникот на Нетпрес информираше дека официјалната грчка црвена линија за сложено име со географска одредница за вкупна употреба, кое што ќе го содржи терминот Македонија, се чини дека веќе не е актуелна.

Во пресрет на новата рунда разговори за името во Њујорк, се поизвесна е радикализацијата на грчката црвена линија, а пораките дека актуелната грчка влада не смее да дозволи решението да го содржи терминот Македонија стануваат се погласни.  Се подиректни се и пораките од владеачката Неа Димократиа на Самарас дека не постои согласност меѓу партнерите во владеачката коалиција за да се разговара за сложено име што ќе го содржи терминот Македонија.

Десничарските и националистички кругови во Грција не престануваат со нападите врз коалицискиот партнер на Самрас и шеф на дипломатијата Венизлос за говорот пред Генералното собрание на Обединетите Нации. Поводот е тоа што тој таму го повтори она што до неодмна беше претставувано како официјална грчка позиција – сложено име со географска одредница што ќе стои пред зборот Македонија. Токму поради ова, во вчерашната емисија на каналот Стар, портпаролот на Независни Грци, Теренс Кук, за Венизелос рече дека бил „најопасниот министер за надворешни работи“.

– Независни Грци не се согласуваат името Македонија да му биде дадено на Скопје како што најави Венизелос во Обединетите Нации. Овој период минатата година, во дебата во Парламентот за која што постои и снимка, Венизелос рече дека го овластува Нимиц со консензус. Каде го пронајде консензусот за да преговара со Скопје за сложено име со географска одредница, навистина не знам! , изјави Кук, на што жестоко реплицираше пратеникот од владеачката Неа Димократиа, Прокопис Павлопулос, откривајќи дека таков консензус, односно таков договор „нема и нема да има“.

Министерот за надворешни работи Евангелос Венизелос по вчерашниот состанок на Националниот совет за надворешна политика не кажа ништо ново во врска со преговорите. Тој повтори дека Грција ги почитува процесот и Нимиц, и оти „учествува со добра волја и на конструктивен начин, а истите чекори ги очекува и од другата страна“.

– Нашата позиција е многу јасна и е позиција која е во согласност со меѓународното право, како и со потребата поширокиот регион на Југоисточна Европа да стане регион на стабилност и просперитет, рече Венизелос.

Времената спогодба меѓу Грција и Македонија во членот 11, предвидува експлицитна обврска за Грција да не се противи на пристапувањето или полноправното зачленување на Република Македонија во меѓународни организации под привремената референца „Поранешна југословенска Република Македонија“, како што е предвидено во Резолуцијата 817 (1993) на Советот за безбедност на ОН.

Пресудата на Меѓународниот суд на правдата од декември 2011 година гласи дека Грција ја прекршила Времената спогодба од 1995 година „противејќи се на пристапувањето на Република Македонија во НАТО во периодот пред Самитот на НАТО во Букурешт од 2008 година“.

Сепак, и покрај се, официјална Атина тврди дека нејзиниот став е во согласност со меѓународното право.

Последните разговори за спорот за името се одржаа во Њујорк, за време на септемвриското Генерално собрание на ОН, каде македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски се сретна со својот грчки колега Евангелос Венизелос. По оваа средба, Попоски изјави дека кај Грција и понатаму нема интерес за активно да се работи на решавање на спорот.

Медијаторот Нимиц последен пат ги посети Скопје и Атина на крајот на јули, годинава. За време на посетата на Македонија тој експлицитно изјави дека не носи нов предлог за името, туку идеи како да биде надминат.

Новата рунда разговори доаѓа по заинтересираноста на Берлин искажана на конференцијата за Западен Балкан иницирана од германската канцеларка Ангела Меркел за поскоро надминување на спорот.