„Њујорк Тајмс“: Разговорите меѓу Атина и „Газпром“ доаѓаат во клучен период

Во време кога на земјата и снемува готовина, грчки функционери вчера се сретнаа со шефот на рускиот енергетски гигант „Газпром“, што предизвика шпекулации за евентуален договор за нафтовод меѓу Атина и Москва, вреден неколку милијарди долари.

Ова денеска го пишува „Њујорк Тајмс“ подвлекувајќи дека разговорите доаѓаат во клучно време кога Европската Унија денеска се очекува да објави антимонополска тужба против „Газпром“, додека Грција се обидува да преговара за нов договор за долгот со своите европски кредитори, пренесува МИА.

Премиерот Алексис Ципрас вчера се состана со шефот на „Газпром“, Алексеј Милер, кој пак претходно имаше средба и со грчкиот министер за енергетика, Панајотис Лафазанис. Портпаролот на министерот за енергија рече само дека двајцата разговарале за „прашања за енергетска соработка“, додека кабинетот на Ципрас остана без коментар, потсетува весникот.

„Но, и Русија и Грција имаат финансиски и политички причини за одржување на вакви дискусии. Во случајот на ‘Газпром’, тоа ќе биде обид да се продолжи да се бара влезна точка во Европа за природен гас што ќе ги заобиколи гасоводите кои поминуваат низ Украина, која сега е непријател на Русија. За Грција, гасоводот теоретски може да генерира милијарди евра годишно во приходите. Но, на пократок рок, Владата на Ципрас продолжува да сигнализира дека може да се сврти кон Русија ако Грција, која е опасно блиску до снемување на пари, ако не може да воспостави нови односи со своите европски кредитори“, пишува „Њујорк Тајмс“ и додава дека грчки функционери во петок во Рига ќе се сретнат со кредиторите.

Според весникот, дури и ако „Газпром“ и Грција постигнат договор, нафтоводот кој треба да пренесува руски гас за Европа преку Турција и Грција ќе се соочи со голем број политички и регулаторни пречки. Тоа го вклучува и антимонополскиот случај кој европските регулатори се очекува да го објават денеска, обвинувајќи го „Газпром“ за злоупотреба на својата доминација на пазарите за гас. Европската унија зависи од Русија за околу една третина од својот природен гас, а некои источноевропски земји се целосно зависни од рускиот гас.

Потсетувајќи дека како резултат на отпорот на Европа, Русија минатата година се откажа од „Јужен поток“ и плановите ги префрли на подводен гасовод во Турција, „Њујорк Тајмс“ подвлекува дека Русија и Турција, сепак, допрва треба да постигнат договор за планот.

„Шпекулациите за проширување на турскиот план во кој би се вклучила и Грција како врата кон Европа почнаа да се вжештуваат откако Ципрас ја посети Москва овој месец. Се вели дека во дискусиите бил споменат и можен договор за нафтоводот, како и попуст на цената која Грција му ја плаќа на ‘Газпром’ за природен гас. Грција добива околу три четвртини од својот гас од Русија, но за ‘Газпром’, таа е релативно мал клиент. Дури и Турција, и покрај тоа што е втор по големина пазар за рускиот гас во регионот по Германија, нема да биде доволно голем купувач сам по себе за гасот кој ‘Газпром’ планира да го дистрибуира преку гасоводот во Црното Море“, наведува весникот.

Со цел новиот гасовод во Турција да има економска смисла, гасот ќе треба да тече низ Грција и да стигне до пазарите во Централна и Западна Европа, заклучува „Њујорк Тајмс“ додавајќи дека ваквиот план на „Газпром“ ќе може да наиде на голем отпор од страна на ЕУ, исто како и „Јужен поток“.