недела, 26 март 2017  |  Вести денес: 18

„Њузвик“: Војната нема да се врати на Балканот

vojna

Последни вести

Експертот за меѓународни односи Иван Вејвода во авторски текст за најновиот број на американскиот неделник „Њузвик“ оценува дека Балканот се соочува со сериозни предизвици, но дека војната сепак нема повторно да се врати во регионот.

– Во споредба со некои други делови од светот, Балканот сега е оаза на мирот. Причина за тоа е постоењето на Европската унија и нејзината политика на проширување. Тоа не доведува до констатацијата дека без разлика на сегашната криза со која се соочува, Европската унија и натаму е делотворна во западниот Балкан, смета Вејвода, пренесува МИА.

Како најсериозни предизвици за земјите во регионот овој политички аналитичар ги наведува ниската стапка на економски раст, големата невработеност и стагнацијата или намалувањето на животниот стандард, на што се надополнува континуираниот „одлив на мозоци“ и неколкуте нерешени регионални спорови.

– Сепак војната нема да се врати на Балканот. Судирите од 90-тите години на минатиот век, кои завршија со 78-дневните бомбардирања на НАТО врз тогашна СР Југославија, се уште се присутни во сеќавањето на политичките лидери и општествата што беа погодени од нив и што платија огромни цени, смета Вејвода, кој воедно е и потпретседател на германскиот Маршалов фонд.

Според него, никој на Балканот не сака да се вратат времињата на војните, независно од политичката реторика што се користи и која првенствено е наменета за внатрешни потреби.

– Дури ни бегалската криза нема да доведе до војна, иако таа секојдневно може да ги зголемува тензите и да создаде нови пречки во процесот на евроинтеграциите, наведува Вејвода.

Во својот текст во „Њузвик“ тој нагласува дека регионот на западниот Балкан е последниот „неинтегриран дел на Европа“, што на ЕУ и остава „незавршена работа“ и претставува сериозна проверка за нејзиниот кредибилитет.

– Ако Европската унија не е во состојба да го поттикне процесот на проширување кон западниот Балкан, тогаш тешко може да се замисли како таа би се соочила со други предизвици, заклучува Вејвода во својот авторски текст.

Најчитани вести