среда, 24 мај 2017  |  Вести денес: 45

Ноефашистите на „Златна Зора“ направија нов скандал поради Македонија и Турција во ЕП

zlatna zora

Поврзани вести

Европратениците на грчката неофашистичка партија „Златна Зора“ и нивните гологлави и истетовирани асистенти во законодавниот дом на Европската унија, синоќа направија нов скандал поради Македонија, откако се обидоа насилно да ја растурат конференцијата на Европскиот парламент за правата на малцинствата во Грција, јави дописникот на МИА од Брисел.

Европратениците Лаброс Фудулис и Елефтериос Синадинос од „Златна Зора“ од Грција, заедно со веќе познатите асистенти на третиот грчки европратеник-неофашист Јоргос Епитидеиос, Константинос Бовиацос и Андреас Јалуридис, кои го нападнаа и дописникот на МИА од Брисел во Европарламентот пред одреден период, овојпат предизвикаа инцидент на конференцијата закажана за ситуацијата со турското малцинство во грчката северна провинција Тракија.

– Вие сте платени од БЈРМ и од Турција. Не постои турско малцинство. Одете и решавајте ги проблемите во вашата земја, не во мојата земја. Јас сум тука за да се заштити Грција, извикуваше европратеникот Фудулис.

Во исто време, асистентот на Епитидеиос, Бовиацос, што е забележано и на видео-снимка, му се заканува на романскиот европратеник Чаба Шогор, обидувајќи се насилно и да го замолчи, притоа мафтајќи со „современата“ свастика, симбол на грчката неофашистичка „Златна Зора“.

Грчките европратеници им доставија писма на членовите на Европскиот парламент во кои се жалат на овој состанок, кој беше предвиден да биде дискусија за состојбата на турското малцинство во Грција, но неофашистите од „Златна Зора“, европратениците и нивните асистенти кои земаат плата од европските данокоплаќачи, повторно ја ставија в уста и Македонија, обидувајќи се да ги обвинат своите колеги-европратеници дека се подмитени од македонската држава. Па, така, тие во писмото до своите колеги во Европарламентот, синоќешниот состанок го опишуваат како „одвратен“ и „незнаење на историјата“.

Европратеникот Чаба Шогор, кој е од романската централно-десничарската партија и го претставува унгарското малцинство во земјата, единствено застана да им се спротивстави на разулавените Грци што упаднаа на конференцијата во зградата на ЕП во Брисел, додека другите учесници седеа со главите надолу. Шогор им порача на „златнозорците дека “треба да ги почитуваат правилата на парламентот на ЕУ“.

– Излезете оттука ако не можете да бидете пристојни и цивилизирани, извикуваше европратеникот Шогор.

Инаку, овој настан во ЕП беше организиран токму од страна на Шогор и спонзориран од страна на централно-десничарската Европска народна партија, која е најбројна партија во ЕП, заедно со Федерацијата на Турците од Западна Тракија во Европа и Непретставените нации и Граѓанската организација.

Жозеп Терикабраш, европратеник-левичар што беше присутен на конференцијата, денеска го повика претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц да „преземе мерки за да се престане да се толерира однесувањето на фашистичките европратеници и асистенти од Златна зора“. Ова е од причина што по изборот на тројцата европратеници од оваа партија на последните европски избори во 2014 година, тие и нивните асистенти, кои наликуваат на „скинхедси“ со избричени глави, долги бради и истетовирани нацистички симболи на своите тела и кои ги тероризираат сите во Европскиот парламент, се закануваат и го предизвикуваат секој што ќе спомене „Македонија“ или македонско и турско малцинство во Грција.

Во исто време, во Атина, генералниот секретар на неофашистичката партија „Златна Зора“ од Грција, Илја Касиадиарис грубо прекина интервју за англискиот „Би-Би-Си“ воден за состојбата со бегалците, поради тоа што новинарката неколкупати го употребила терминот „Македонија“ за Република Македонија, а не „Скопје“ или „БЈРМ“ на што инсистирал Касиадиарис, кој потоа го избрка новинарскито тим на најголемиот телевизиски емитувач од Велика Британија од своите канцеларии.

Најчитани вести