Нордлингер: СОРОС преку медиуми во Македонија станува партиски активист

Фондацијата на Џорџ Сорос преку своите проекти направила многу работи за демократијата во Источна Европа, но преку финансирањето медиуми во Македонија таа станува отворен партиски активист. Весникот „Дневник“ ја пренесува поентата на текстот објавен вчера во водечкиот конзервативен неделник во САД „Нешнл ревју“, во кој се говори за влијанието на Соросовата фондацијата во Македонија, а се анализира дека нејзината политика станува доминантна во невладиниот сектор и во дел од медиумите, притоа добивајќи финансиска поддршка дури и од американските власти.

„Во првите години по колапсот на комунизмот, Сорос направил доста добри работи во Источна Европа, а на Македонија  и дал и заем во време на грчкото ембарго. Но, во последно време тој станува отворено партиски ориентиран активист кого не го интересираат демократските процеси, туку, единствено, истура милиони долари во поддршка на левицата, и тоа на тврдата левица, преку низа невладини организации. Еден конзервативец ми кажа дека Сорос дошол во Македонија како тројански коњ, а се претворил во октопод“, пишува уредникот на „Нешнл ревју“, Џеј Нордлингер, во својот текст објавен во електронското издание на неделникот.

Нордлингер престојуваше во Македонија на крајот од април работејќи на подолгата сторија, која ќе ја објави во печатеното издание на неделникот, а беше гостин и во емисијата на Миленко Неделковски.

Во текстот Нордлингер ги предупредува своите читатели дека и американските даночни обврзници донираат во кампањите на Сорос во Македонија преку државната американска агенција УСАИД, која доделува проекти на македонскиот разгранок на фондацијата „Сорос“, што е проблематично прашање во САД каде што државните пари што се одвојуваат за развој на други земји не смеат да се користат за постигнување партиски или идеолошки цели.

Уредникот на „Нешлн ревју“ исто така посочува дека американската финансиска поддршка за невладините организации во Македонија, простор за кој вели дека целосно е препуштен на мрежата на Сорос поради отсуство на какви било конзервативни невладини организации, оди во рацете на радикални левичари и соработници на поранешните тајни служби.

Повеќе за ова прочитајте во ДНЕВНИК.