Нормализиран сообраќајот на патот Истибања – Македонска Каменица

Пуштен е за сообраќај магистралниот пат од виничкото село Истибања до Македонска Каменица. Техничкиот директор на ЈП „Македонија пат“ – Штип, Кире Коцев вели дека сообраќајниот инспектор направил увид по што ја повлекол и забраната за сообраќај по должината на целиот пат. Тој додава дека одроните на овој пат се чистат од страна на екипите, пренесува МИА.

– Ние имаме дежурни екипи, кои веднаш реагираат доколку имаме проблеми на делниците низ регионот, а ако се појави повторно проблем на овој пат ние веднаш ќе реагираме, вели Коцев.

Тој апелира возачите да внимаваат на овој магистрален пат, бидејќи можно е повторно да се појават одрони, зашто по обилните врнежи од дожд се уште не се стабилизирани косините на карпите. Магистралниот пат од виничкото село Истибања до Македонска Каменица за сообраќај беше затворен 12 дена, а сообраќајот се одвиваше преку Берово или селото Бигла.