Нормализиран сообраќајот во земјава

Штетата на мостот на патниот правец Радовиш – Штип поради која сообраќајот се одвиваше по една коловозна лента е санирана и тој се одвива нормално, информираат од АМСМ.

Поради надојдените води од реката Крива Лакавица во прекин се патните правци кон селата Степанци и Суво Грло.

Според известување кое АСМ го добило од ДЦС МВР завчера е воведен забрана за сообраќај на дел од регионалниот пат Р 2232 на меноста викана „Глобица“, во непосредна близина на село Ратавици, Пробиштип, каде поради обилни врнежи од дожд настанало свлечување на брегот и банкината покрај десната страна на патот. Свлечувањето е кон реката Злетовица и е во должина од околу 30 метри.

Сообраќајот на сите државни патишта во Македонија се одвива по влажни коловози. Слаб снег провејува на граничен премин Деве Баир-Крива Паланка, Делчево, Стража, Ѓавато и во Крушево, но не се задржува на коловоз.

Поради појава на магла, намалена е видливоста до 50 метри на Плетвар, Радовиш-Неготино и Струмица-Валандово.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде е можна почеста појава на одрони.